Бразил од 1970 година

На минатите 20 мундијали светски фудбалски прваци само со победи станале Уругвај (1930) и Италија (1938) по еднаш и Бразил двапати (1970 и 2002)

Од идната недела во Русија почнува трката за вредниот трофеј за светскиот фудбалски првак, но и обидот новиот шампион да влезе во елитен клуб, во кој засега се само три репрезентации. Бразил двапати, а по еднаш Уругвај и Италија успеале да станат светски прваци само со победи за време на еден мундијал. Од минатите два светски прваци, на пример, Германија на минатото планетарно првенство до титулата стаса со едно реми, а Шпанија во 2010 година имаше еден пораз, веќе во 1. коло.
Првите три мундијали завршуваа со неприкосновена доминација на прваците. Уругвајците и Италијанците на првенствата играни на домашен терен победија во сите четири средби до пехарот, но Италија во 1934 година во четврт-финалето со Шпанија победи дури во повторениот меч, откако првиот, по 120 минути игра заврши нерешено, 1-1. Но, Италија на следното СП, во 1938 година, не дозволи никаков кикс и славеше со четири чисти победи.

Последните два победнички титули ги освои Бразил, во 1970 и во 2002 година. Првиот пат со помош на шест победи и гол-разлика 19-7, а вториот со седум триумфа со вкупна гол-разлика 18-4.
Од другите светски прваци, со по едно реми до титулата стасуваа Уругвај во 1950 (2-2 со Шпанија), Бразил во 1958 (0-0 со Англија) и во 1962 (0-0 со ЧССР), Англија во 1966 (0-0 со Уругвај), Аргентина во 1986 (1-1 со Италија) и Франција во 1998 година (0-0 со Италија, во четврт-финале, па победа на пенали со 4-3).
По еден пораз на патот кон пехарот имаше Германија, и тоа двапати, во 1954 од Унгарија со 3-8 и во 1974 година од тогашниот источен сосед, ДДР, со 0-1, како и Шпанија на СП 2010 (пораз од Швајцарија со 0-1 во 1. коло).

Најмногу „сопки“ до титулите (со повеќе од еден меч да не бил победа) имаа Аргентина во 1978 (пораз со 0-1 од Италија и реми 0-0 со Бразил), Италија во 1982 (три ремија 0-0 со Полска и по 1-1 со Камерун и со Перу), Германија во 1990 (1-1 со Колумбија и 1-1 со Италија во полуфиналето, па победа на пенали со 4-3), Бразил во 1994 (реми 1-1 со Шведска и 0-0 со Италија во финалето, па победа на пенали со 3-2) и Италија во 2006 (реми 1-1 со САД и 1-1 со Франција во финалето, па победа на пенали).


Швајцарија елиминирана без примен гол

Англија трипати заминувала од фудбалското светско првенство без пораз во регуларен дел од мечевите (по 90 или по 120 минути игра), но и без освоена титула. Англиската селекција вакви резултати постигна на мундијалите во 1958 (три нерешени), 1982 и во 2006 година (по три победи и две ремија).
Двапати ваков резултат остварија Бразил (1978 и 1986 година), Италија (1990 и 1998 година) и Шпанија (1934 и 2002 година). Единствена елиминирана селекција без пораз и без примен гол е Швајцарија (гол-разлика 4-0) од Светското првенство во 2006 година (загуби во осминафиналето на пенали со 0-3 од Украина). Без пораз, но и без победа од мундијал заминале Англија, Романија, Германија, Камерун, Белгија и Нов Зеланд.
Највисокиот пласман без пораз го оствари Франција, на СП 2006, оти на седумте меча оствари четири победи и три ремија, вклучувајќи го и нерешениот исход со Италија, во финалето, но потоа загуби на пенали.