Клубовите во англиската фудбалска Премиер-лига дискутираат за емитирање навивачки звуци и скандирања од трибините, односно за „лажно навивање“, доколку натпреварите продолжат зад затворени врати. Лигата е суспендирана од 13 март поради пандемијата на коронавирусот, која предизвика и строги ограничувања за движење на луѓето во обид да се спречи ширењето на вирусот.
Играњето без навивачи ќе ја анулира предноста на домашниот тим, бидејќи ќе ја нема поддршката на своите навивачи. Исто така, се поставува и прашањето што ќе прават клубовите со празните места на трибините. Главниот извршен директор на Брајтон, Пол Барбер, изјави дека на неодамнешниот состанок меѓу клубовите се дискутирало за вакви прашања, вклучувајќи и за можната употреба на снимени навивања и за покривање на седиштата на трибините со пораки за благодарност до вработените во здравствениот систем за нивните напори во текот на кризата.
– Почнавме да размислуваме за тоа интерно. Можеме ли да го „облечеме“ стадионот? Можеме ли да го направиме стадионот попријатен, можеме ли да ја внесеме вревата таму на некој начин. Но прашањето е дали го сакаат тоа навивачите дома и дали би го сакале тоа ТВ-компаниите – изјави Барбер за „Тајмс“.