Се лови со помош на вештачки мушички и со лесна трска, а притоа од риболовецот се бараат максимална концентрaција, напор, искуство и итрина

Ловењето поточнатa пастрмка е мошне возбудлив бидејќи од риболовецот се бараат максимална концентрација, напор, искуство и итрина. Се лови со помош на вештачки мушички и со лесна трска. Кога ќе се закачи на јадицата, поточната пастрмка силно се спротивставува, пливајќи во спротивен правец на водните струи, силно скокајќи над водата, притоа обидувајќи се да отиде во блиските гранки или на друго место за да се скрие.

При нејзиното извлекување од водата, риболовецот треба да биде особено претпазлив. Ако поточната пастрмка не е голема, ќе треба брзо и без напор да се извади на суво. Најдобро време за мушичарење е од април до јули и од крајот на август до октомври, додека најдобри резултати се постигнуваат кога времето е облачно и по слаб летен дожд.

За поточната пастрмка се вели дека е кралица на дивите води. Има убаво мускулесто и пропорционално развиено тело, што ја вбројува помеѓу подобрите пливачки риби. Има голема уста со остри заби, голема и цврста глава со тапа муцка и со многу заби што се насочени кон внатрешноста на нејзината уста. Исто така има широки, мошне јаки и заоблени перки. Целото тело ѝ е покриено со темни, тенки, ситни и заоблени крлушки.
Понекогаш се случува поточните пастрмки во горниот тек на реките да се разликуваат од оние во долниот тек. Нивното тело ја менува бојата од светла, па сѐ до црна, во зависност од местото на живеење, односно дали се тоа плитки и брзи места или подлабоки води.

Овој вид риба живее и се размножува во студени, брзи, чисти и проточни води. Таа е жител на планинските рекички, бистрите потоци со песочно дно, кои се богати со кислород и најчесто се движи во горните делови на реките. Оваа грабливка уште како малечка се храни со сите безрбетници, ларви, ракчиња, полжавчиња и инсекти, но исто така ги сака скакулците и црвите, а може да се видат риболовци што ја уловиле со помош на леб како мамка.
Просечниот животен век на поточната пастрмката е помеѓу 5-10 години. За тоа време таа може, во просек, во должина да нарасне од 30 до 60 сантиметри и да тежи од 300 грама до 10 килограми.


Налето е потребно многу вода за дивечот

Вид поило за дивеч, кој наједноставно и најлесно може да се направи, е со сечење стари гуми

За тоа колкаво е значењето на водатa за опстанокот на дивечот во ловиштaта не треба да се трошат премногу зборови. Во сушните летни месеци многу реки, речни канали и потоци, поради високите температури, немаат доволно вода потребна за напојување на дивечот.
А за да се намалат што повеќе последиците од сушата по дивечот, потребно е ловџиите адекватно да се подготват и да обезбедат доволно количество вода за дивечот присутен во ловиштата.
Во зависност од видот на ловиштето и условите во него, ловџиите и ловџиските работници изработуваат разни видови поила за дивите животни. А вид поило за дивеч, кој е наједноставно и најлесно да се направи, е со сечење стари гуми. Речиси секој може да го стори тоа многу брзо и на тој начин да обезбеди свежа вода за многубројниот дивеч во ловиштето.
Единствен недостаток на ваквите поила со вода, е тоа што се со мал капацитет и затоа е потребно што почесто да се посетуваат и дополнуваат со свежа вода од страна на ловџиите. Многу е подобро овие поила да бидат сместени во сенка, за водата да остане свежа што подолг период, а со тоа да се намали и можноста за нејзино брзо испарување.
Обезбедувањето квалитетна пивка вода во ловиштата во летниот период е мошне неопходно во настојувањето за зачувување на дивечот.


Руски рибари фатиле риба тешка еден тон!

Рибари од рускиот остров Сахалин сигурно нема да ја заборават 2017 година, оти не ни претпоставувале дека во нивните мрежи некогаш ќе се најде риба тешка 1.100 килограми. Станува збор за една од најтешките коскести риби во светот, позната како месечева риба. Штом огромната риба била донесена на брегот, веднаш почнала да се распаѓа, па рибарите немале друг избор освен уловот да го однесат до најблиското ѓубриште.