Често се случува младите и неискусни ловџиски кучиња да бидат заробени во вода
и со тоа да бидат изложени на опасност, ако притоа ловџијата не им помогне

Ловот на дивите гуски и дивите патки секогаш е привлечен за ловџиите. Многу од нив токму од таа причина при овој вид лов одат заедно со своите верни помагачи и придружници – кучињата. Притоа ловџиите многу време поминуваат во близината на реките, езерата и на разните водни канали, каде што токму присуството на дивите гуски и патки е многу позастапено.

Ловџиските кучиња, а пред сѐ тука се мисли на видот птичари, се соодветни за овој вид лов, оти многу помагаат отстреланиот дивеч да го донесат до ловџијата.
Поради зголемените поплави од надојдените води, а како последица на брзото топење на снегот и мразот особено во пролетниот период, во речните корита и канали се создава многу отпаден материјал, што го носи водата од околните депонии. Тука, пред сѐ, се мисли на гранки со различна големина и други предмети. Сево ова е мошне опасно за ловџиските кучиња. Често се случува младите и неискусни ловџиски кучиња да бидат заробени во водата од некоја поголема гранка или друг предмет и со тоа да бидат изложени на опасност, ако притоа ловџијата не им помогне.
Затоа ловџијата во ловот треба да му посвети посебно внимание на своето куче при апортирањето. Ловџијата не треба своето внимание да го насочува на неважни работи или да биде во преголема непотребна комуникација со другите ловџии што се со него, а за сметка на тоа да не следи што прави неговото куче, односно дали поставената цел ја завршило и на кој начин. А ако забележи дека е во опасност, треба веднаш да влезе во водата и да му помогне. Ако, пак, забележи дека има одредени повреди по неговото тело, треба да го прекине ловот и што побрзо да го однесе своето куче на ветеринар.

Кучињата, сепак, не треба да заборавиме дека се верни придружници на ловџиите, а така треба да се однесуваат и тие кон нив.


Со квалитетен рибарски конец до поголема риба

Притоа е потребно редовно да се контролираат новиот и постариот конец,
кој веќе подолго време е користен

Приборот со кој се лови риба, секако дека игра голема улога, ако се настојува дома да се однесат што повеќе риби. Токму затоа секој рибар не смее да си дозволи поради лош или оштетен рибарски стап или, пак, лош конец, да му побегне некое големо парче риба, а кое речиси било фатено на мамката поставена на јадицата, но, ете, на крајот, сепак, успеало да му побегне на рибарот поради несоодветниот прибор што го користел.
Треба да им биде доволно јасно на сите љубители што сакаат да ловат риби дека рибарскиот прибор мора да биде соодветен на посакуваниот лов, односно на големината на рибата што се сака да се фати, оти никогаш не се знае што може да му се случи во текот на рибарењето.
А нов и квалитетен конец е најдоброто решение за да се фати поголема риба. Притоа е потребно редовно да се контролираат новиот и постариот конец, кој веќе подолго време е користен.
Понатаму, задолжително треба да се посвети внимание и на квалитетот на рибарскиот стап. Ако на него има оштетување, можно е рибарот да ја изгуби рибата, без разлика колку и да е квалитетен конецот што го има поставено. Значајна улога игра и прстенот на ролната низ кој минува конецот, оти слабиот материјал лесно може да се оштети и тогаш може лесно да дојде до моментно пукање на конецот.
Едноставно,рибарите треба да бидат подготвени на сѐ покрај водата.