Пациентите што не се сметаат за итни случаи и по неколку месеци чекаат на услугите во јавното здравство, а за намалување на листите на чекање треба да се исполнат цела низа предуслови, да има исправна дијагностика, доволно операциски сали, слободен лекар, доволно персонал…
Снимање со магнетна резонанција, со компјутерски томограф, со дезинтометар, кој треба да ја види густината на коските, електромиографија со која се проверуваат потенцијалите на мускули, како и поставување пејсмејкер, кој ја продолжува работата на срцето, се услугите за кои најдолго чекаат пациентите што не се сметаат за итни случаи во македонското јавно здравство со упат добиен од лекар, кој не работи во установата каде што се бара услугата. Ова го покажуваат податоците на системот за евиденција и закажување „Мој термин“. Тие велат и дека кога се закажува услуга во истата установа, пациентите најмногу чекаат за ласерска фотокоагулација на око, коронарен стрес-тест, колоноскопија, ехокардиографија, носење холтер, спирометрија… За тоа, пак, колку ќе чекаат за операција, зависи кај кој лекар имаат закажано и колку пациенти има тој, но и кога ќе се ослободи хируршка сала, колкав тим треба да се вклучи во интервенцијата, дали има сѐ што е потребно…
Така на пример, „Мој термин“ покажува дека за магнетна резонанција во клиничка болница во Битола првиот слободен термин е на крајот на мај, а во Струмица и во Тетово кон крајот на јуни. За поставување пејсмејкер на Клиниката за кардиологија има термин кон крајот на јуни. За дезинтометрија, која најчесто се прави за да се види дали пациентот има остеопороза, состојба на кршливост на коските, во Битола се чека до средината на мај, а за електромиографија на Клиниката за неврологија се чека до првата половина на истиот месец.
Прв нареден преглед кај познат приватен орален хирург и интернист, кој работи во договор со Фондот за здравство има на крајот на април. Долго, околу еден месец, се чека и за поставување на Клиниката за кардиологија за пациенти со упат однадвор. Овој апарат треба да покаже или како се движи работата на срцето или, пак, како се менува крвниот притисок во текот на денот. Долги се листите и за ехо на срце, за колоноскопија, инвазивна процедура кога со специјална камера се прегледува дебелото црево, за гастроскопија, кога се прегледуваат други органи за варење, за ехо на дојка, преглед на очи кај одредени лекари, ехо на простата, снимање на работата на мозокот…
Не се кратки листите и за работа со логопеди, за физикална медицина, одредени ортопеди, како и за правење мамографија. Деновиве здруженијата за борба против ракот реагираа дека долгото чекање за снимка со мамограф, која покажува сомнеж за рак на дојка, може да е кобно по здравјето и по животот на пациентките. Лекарите алармираат дека навременото откривање и лекување на ракот на дојката, значи и негово излекување. Кога станува збор за интерни пациенти, за ласер-фотокоагулација на Клиника за очни болести се чека до крајот на јули, за коронарен стрес-тест во скопската градска општа болница „8 Септември“ до крајот на јуни.
На Клиниката за гастроентерохепатологија прв термин за гастроскопија е во првата половина од јуни, за гастроскопија на крајот на април, а дотогаш се чека и за ехо на срце. Неколку дена порано може да се закаже за поставување холтер. Д-р Христијан Костов, директор на „8 Септември“, вели дека во оваа установа долги се листите и за снимка со магнет и компјутер, за операции со кои се третираат болести на очи и уши, како и за поставување ортопедски протези. – За тоа кога ќе се бидат закажани операциите зависи и од тоа кој лекар ќе оперира. Кај некои има големи метежи, а други имаат помалку пациенти. А, за намалување на листите на чекање треба да се исполнат цела низа предуслови, да има доволно, сали, доволно персонал… – вели д-р Костов.
Министерството за здравство, велат оттаму, врши анализа на податоци од системот „Мој термин“, во делот на времето на чекање за специјалистички прегледи, дијагностика и интервенции. – Досега се извршени детални анализи на девет универзитетски клиники, а во претстојниот период продолжуваат анализите и за другите јавни здравствени установи низ државата – велат од Министерството.