В недела 38-ми пат ќе се одржи познатиот Лондонски атлетски маратон (првата трка беше во март 1981 година) на кој се очекува да настапат околу 40.000 луѓе.
Официјалниот почеток на годинашниот маратон (стартот е во близината на Гринич, а целта во центарот на Лондон, во близината на Бакингемската палата) ќе го означи никој друг, туку кралицата Елизабета Втора од дворецот во „Виндзор“, со притискање на копчето од специјално направениот подиум. Кралицата ќе го означи почетокот на годинашниот маратон во чест на одбележувањето на 110-годишнината од олимпискиот маратон во 1908 година кога исто така од замокот Виндзор, знак за почеток дала нејзината баба, тогашната принцеза Мери.

Од познатите маратонци се очекува да настапат славниот британски атлетичар, Мо Фарах, ланскиот победник Кениецот, Даниел Ванјиру, како и легендарните Кенениса Бекеле и Елуид Кипчоге, но и многубројни славни и познати личности. 


Кеитани со „машки пејсмејкери“ ќе го брка рекордот на Редклиф

На Лондонскиот атлетски маратон, во женска конкуренција ланската победничка, Кенијката Мари Кеитани (36) најави дека со помош на тројца „машки пејсмејкери“ (тркачи што диктираат брзо темпо, кое атлетичарите го следат за да имаат побрза трка) ќе атакува на 15-години стариот светски рекорд на Британката Пола Редклиф, од 2003 година, (2:15,25 часа), која ќе биде промоторка на годинашниот Скопски маратон на 6 мај.