Резултатите од европските избори го изразија сѐ поголемиот отпор на гласачите кон централизацијата на ЕУ. Аналитичарите на „Геополитика“ сметаат дека пренесувањето на суверенитетот од националните држави кон наднационалните тела на ЕУ, односно потиснувањето на поимот за националните држави и наметнувањето екстремен социјален и економски либерализам под превезот на наводно неизбежниот глобализациски процес е целосно промашување
Најистакнатите промотори на централизирана ЕУ со јадро моќни држави во средината и со други членки во разни кругови според брзината на развој, францускиот претседател Емануел Макрон и неговата партија, претрпеа болен пораз на мајските европски избори од поддржувачите на националните суверенитети на земјите на ЕУ, Марин Ле Пен и нејзината партија.
Моќта од Брисел се враќа во националните престолнини
Ле Пен во јуни објави формирање нов блок во Европскиот парламент, Идентитет и демократија, во кој членува нејзината партија Национален собир, како и Лига на вицепремиерот на Италија, Матео Салвини, и Алтернатива за Германија. Целта на блокот е „моќта од Брисел да се врати во националните престолнини“.
– Ги изменивме политичките карти во Европа – рече Ле Пен, зборувајќи за блокот Идентитет и демократија, кој има 73 од вкупно 751 место во Европскиот парламент и е петта најголема сила по зелените.
Француската политичарка, која смета дека глобализацијата е варварство, вели дека владеењето на моќните мултинационални корпорации и големиот финансиски капитал со целиот свет ги туркаат народите и нивните национални држави во пропа ст, па државите мора да поставуваат граници. За неа, мерките за намалување на јавните расходи во насока на консолидација на државните финансии по моделот што го определиле Берлин и Брисел се на штета на најсиромашните слоеви на население. Според Ле Пен, овие мерки довеле до социјално разградување на општеството и нацијата и уништување на самиот поим на националната држава. Тоа враќање кон организацијата на општеството пред формирањето на националните држави е враќање кон варварството, што според Ле Пен е и една од целите на глобализацијата – да им се негира на народите заштитата на сопствената држава.
– ЕУ го угнетува суверенитетот на нејзините народи, а сувереноста е основата на демократијата. Без суверенитет нема демократија, бидејќи слободата да се даде гласот е една работа, но ако луѓето што се избираат немаат никакви овластувања, бидејќи вистинската моќ е кај супранационалните тела, тогаш ние повеќе не сме во демократски процес – заклучува Ле Пен.
Отпор на европските народи кон централизацијата на ЕУ и кон глобализацијата
Изборите за Европскиот парламент го изразија сѐ поголемиот отпор на европските народи кон централизацијата на ЕУ, односно отпор кон масовното и брзо пренесување на суверенитетот на националните држави на наднационалните тела на ЕУ, како и отпор кон потиснувањето на поимот за националните држави и наметнување екстремен социјален и економски либерализам под маската на наводно неизбежниот глобализациски процес, оценуваат аналитичарите на „Геополитика“. Истовремено, се зголемува и противењето на европските граѓани на агендата за геоекономско и геополитичко поврзување на Европа со Северна Африка и Блискиот Исток. Таа единствена област, за која зборува и високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини, во говор во Египет во 2015 година, би била цврсто поврзана со ЕУ во единствена геоекономска и геополитичка целина преку воени и економски договори. Но европските граѓани не го сакаат тоа. Тие не сакаат уништување на националните држави, распродажба на природните богатства, санирање на приватните банки и компании со пари добиени преку јавно штедење, преселување населенија од Блискиот Исток и создавање нови работни односи, кои се нарекуваат либерализација на пазарот на трудот и ја уништуваат кредитоспособноста на милиони граѓани, кои никогаш нема да можат да обезбедат свој дом и да бидат вистински потрошувачи на националните пазари.
На врвот на оваа т.н. либерална пирамида на ЕУ се најмоќните европски држави, а со неа раководат нивните бирократи, кои преку магичната формула на глобализацијата се поврзани со англоамериканскиот, арапскиот и транснационалниот капитал. На дното на пирамидата се најмалите и најновите членки на ЕУ. Надлежностите на нивните национални држави се пренесуваат на наднационалните тела на ЕУ, кои повеќе потсетуваат на некоја модерна верзија на Римското Царство, а земјите-членки се неговите провинции.
Како доби стоп-сигнал европската финансиска и политичка елита
На европската јавност ѝ стана јасно дека владејачката европска финансиска, економска и политичка елита нема самоволно да се откаже од нејзиниот лукративен систем. Затоа, елитата доби нов сигнал на европските избори дека народите на Европа не сакаат да се откажат од суверените политики, начинот на живот, културолошките и верските особености и, конечно, од националните држави за да му се покорат на неконтролираниот политички и економски либерализам. Во моментов се случува политичко будење на европските народи, кое се очекува да се преслика на сите идни избори во ЕУ и да ги оневозможи натамошната планирана централизација на Унијата и пренесувањето на националните суверенитети на таа транснационална европска структура.
Европските граѓани го видоа вистинското лице на политичката творба во која се претвори ЕУ, по бруталната финансиска пресметка на европската политичка елита со поинфериорните членки на ЕУ и НАТО, како и по веројатно свесното нарушување на капацитетите за заштита на надворешните граници на ЕУ, по што следуваше притисок врз земјите-членки да прифатат мигранти на своја територија. Според „Геополитика“, елитите сигурно знаеле какви потреси може да предизвикаат нивните постапки за организирано масовно преселување население од Блискиот Исток и Северна Африка и наметнување на неспособниот економски и социјален либерализам. Прашањето е дали свесно е прифатен ризикот само за да ги задоволи европските и арапските центри за финансиска моќ и интересите на водечките европски економии, велат тие.
Сегашната наднационална конструкција на ЕУ може да се одржи само преку сила, политичка пропаганда и финансиски и безбедносни репресии, сѐ додека е во интерес на елитите, индустриско-банкарските комплекси, центрите на моќ и глобалистите. Но ризикот е во тоа што секоја заедница одржувана со каква било принуда, најчесто е осудена на експлозивен крај. Евентуалното распаѓање на ЕУ може да предизвика нови конфликти и прекројувања на граници, а САД и нивните сојузници, како Британија, може повторно да се обидат да создадат европски мировен поредок според своите интереси. Такво мрачно сценарио за Европа, според аналитичарите на „Геополитика“, би можело да се спречи само ако се редефинира ЕУ, односно повторно се врати суверенитетот кај рамноправните национални држави-членки на Унијата и токму истиот принцип да се примени кај другите држави што претендираат да станат рамноправни членки на ЕУ.