Фото: МКЦ

Младински културен центар објавува конкурс за учесници за циклус работилници за филмска и театарска критика, како дел од проектот „Гледај.мк“. Работилниците ќе се реализираат во периодот од април до октомври 2018 година, ќе бидат еднодневни и ќе се одржуваат еднаш месечно. Во периодот меѓу работилниците, учесниците ќе работат на развивање на своите вештини за креативно пишување и критичко размислување заедно со тим од ментори.

Право да учествуваат на конкурсот имаат сите лица, кои на денот на објавувањето на овој конкурс имаат помеѓу 16 и 30 години и можат да учествуваат на сите работилници. Предност при селекцијата на учесници ќе имаат лица што досега немаат објавувано сопствени рецензии и кои ќе имаат доволно слободно време за да учествуваат на работилниците, но и на активностите надвор од работилниците – следење филмови и претстави, фестивали, скрининзи. Работилниците ќе се одржуваат во Скопје, во просториите на МКЦ, во неработни денови – сабота или недела, и ќе бидат најавувани барем една недела пред нивното одржување.

Одбраните учесници ќе добијат: учество на 5 еднодневни викенд-работилници во наредните неколку месеци, развивање на вештините за креативно пишување и критичко следење филмски и театарски дела, под будното менторско око на Ана Стојановска, Влатко Галевски и Васко Маглешов, редовно објавување на рецензиите на gledaj.mk, објавување на најдобрите рецензии во месецот во печатеното издание на „Филм плус“, бесплатни карти за филмови и претстави, дружење со другите учесници-вљубеници во театарот и филмот и гости-предавачи од Македонија и од странство, можности за посета на домашни и странски филмски и театарски фестивали и поврзани настани.

Од одбраните учесници ќе се очекува: учество на сите 5 работилници, пишување на најмалку 3 рецензии месечно, учество на месечни состаноци на групата, заеднички скрининзи, посетување скрининзи, премиери, фестивали. Секој одбран учесник ќе треба да уплати сума за котизација од симболични 500 денари и да пополни изјава за учество. Средствата од прибраната котизација ќе се искористат за да им се понудат дополнителни содржини и активности на учесниците.