Здружението на ликовните критичари АИКА-Македонија распишува конкурс за истражувачки проект од областа на ликовната критика во Македонија. Наградата има цел да понуди можност за промислување на третманот и позициите на ликовната критика денес и на критичкото пишување за појавите и тенденциите во современите визуелни уметности и теоријата на уметноста.
– Недостигот од пишана критика и потребата од афирмација на критичко дејствување во контекст на современата уметност е основниот поттик за овој конкурс. Конкурсот е отворен за проекти што ликовната критика ќе ја препознаат како практична дисциплина, која теориски ја интерпретира тековната уметничка продукција и иницира нејзината артикулација во контекст на современите уметнички продукции – велат од АИКА.
Наградата го носи името на Ладислав Баришиќ (1941-1991), ликовен критичар и историчар на уметност, кој во рамките на ликовната публицистика беше активен во периодот од 1972 до 1986 година. Тој е автор на текстови во кои критичарскиот став кон одреден културен настан се одликуваше првенствено со отпор кон априорното мислење својствено за догмите на времето во кое создавал.
Право за учество имаат сите историчари на уметноста, критичари, теоретичари, интердисциплинарни истражувачи и други профили на креативни автори поврзани со ликовните и визуелните уметности во Македонија (освен членовите на УО на АИКА-Македонија). Кандидатите треба да се граѓани на Република Македонија или, пак, странски државјани што живеат и работат на територијата на Република Македонија повеќе од една година.
Наградата е во висина од 30.000 денари и за неа ќе одлучува тричлено стручно жири. Конкурсот е отворен и ќе трае до 1 јуни.