Доколку Западот сака да му конкурира на Истокот, треба да ги преиспита фундаменталните претпоставки на сопственото општество и политичкото организирање и во тој процес да научи нешто ново од источноазиските општества
Преобразбата и технолошкото издигнување на азиските општества во последните седум децении поттикна многумина економисти и политиколози да размислуваат за 21 век како за азиски век – концепт што подразбира доминација на Азија на глобално ниво. Трансформацијата на азиските општества беше во заемен однос со повеќе фактори, но истражувачите велат дека главен услов во развојот на овој процес беше образованието.
Махатир Мохамед, еден од татковците на модерна Малезија, вели дека источните и западните општества се разликуваат во карактерот, стилот и во однесувањето. Кога Азијците соработуваат со другите во остварување на заедничката цел, тоа го прават суптилно, индиректно, приспособено, без обвинувања, морализирање и судир. Во последната деценија на 20 век, Сингапур предводен од Ли Куан Ју започна културна кампања во која беше посочено дека главни виновници за опаѓањето на Западот се самозадоволството, мрзливоста, индивидуалноста, криминалот, инфериорното образование, непочитувањето на авторитетот и моралната закоравеност. За споредба, издигнувањето на источноазиските општества се должи на редот, дисциплината, семејната одговорност, сериозното работење, колективизмот и умереноста. Сингапурската елита тврдеше дека доколку Западот сака да му конкурира на Истокот, треба да ги преиспита фундаменталните претпоставки за сопственото општество и политичкото организирање и во тој процес да научи нешто од источноазиските општества.
Суштината на источноазиското образование е развојот на чувството за тимска работа и заедничка одговорност, наспроти индивидуализам. Учениците во текот на образовниот процес се оспособуваат за животот надвор од училиштето – дисциплина, посветеност, работна етика, одговорност и почитување на авторитетот. Тимската активност им овозможува да ја научат меѓусебната зависност и одговорност за сета активност, како и меѓусебно помагање за достигнувањето на заедничката цел, притоа ја прифаќаат идејата дека ниту еден од нас не е добар колку сите ние заедно.
И покрај критиките на овој вид образование, според последното истражување на ПИСА, на врвот на листата се наоѓаат Кина, Сингапур, Макао, Хонгконг, Тајван, Јапонија и Јужна Кореја. За споредба, македонските ученици се на 68-то место во листата од 79 држави, а во 2015 година, Македонија беше меѓу последните четири држави.
Контрастите се големи. Во јапонските училишта не се вработени лица што се грижат за хигиената. Учениците се делат во тимови за да ја одржуваат чистотата во училиштето. Некои од учениците ги чистата подовите, други ги пребришуваат прозорците, а трети се грижат за училишните тревници. Оваа активност има цел да се изгради тим и да се развие тимската активност, притоа учениците заеднички ги споделуваат одговорноста и заедничката работа. Честопати учителите им помагаат на учениците во одржувањето на хигиената, и во текот на оваа активност се продлабочуваат врските помеѓу учителите и учениците. Друга особеност е силното чувство за припадност во училиштето, учениците не се чувствуваат како надворешни лица, ниту пак се чувствуваат изоставено. Според едно истражување, 85 отсто од учениците се среќни во училиштата.
Не можеме да ги пренебрегнеме колективниот дух и тимската работа ако го земеме предвид фамозното азиско чудо во последните децении. Азиските општества покажаа дека ефективната и ефикасната тимска работа одат подалеку од индивидуалните достигнувања, исто така, тимската активност му овозможува на секој член да ги минимизира своите сили и да ги максимизира слабите страни. Негувањето на тимската работа подразбира и создавање работна култура што ја вреднува соработката, а заедничкото творење овозможува и подобро планирање, размислување, носење одлуки и дејствување.