Туроператорите укажуваат дека многу од Македонците традиционално одлучуваат да летуваат во соседна Грција, но исто така посочуваат дека голем интерес и раст на резервациите имаат и за соседна Албанија. Од друга страна, мал број граѓани бараат сместување во некои од домашните туристички капацитети
Енигмата со делта-сојот на вирусот и здравствените протоколи ја прават туристичката сезона непредвидлива
Зголемувањето на температурите ги раздвижи македонските граѓани, кои сѐ помасовно бараат идеална дестинација за летниот одмор. Но истовремено, граѓаните бараат и податоци за безбедносните протоколи во земјите што сакаат да ги посетат. Инволвираните укажуваат дека многу од Македонците традиционално одлучуваат да летуваат во соседна Грција, но исто така посочуваат дека голем интерес и раст на резервациите имаат и за соседна Албанија. Наедно укажуваат дека мал број граѓани бараат сместување во некои од домашните туристички капацитети, што, според нив, делумно се должи и на отворањето на границите, на стивнувањето на пандемијата, но и на фактот што голем број граѓани сами бараат сместување во нашите летувалишта.
– Интересот на граѓаните се зголеми со покачувањето на температурите, но и со намалувањето на бројот на заразени граѓани. Дополнително со укинувањето на ограничувањата за влез во дел од соседните земји или со отворањето на повеќе гранични места, исто така се зголеми интересот кај нашите граѓани за сите земји во околината. Традиционално најголем е интересот за соседна Грција, но поради задолжителниот ПЦР-тест голем е интересот и за соседна Албанија и за Црна Гора, за каде што не се бараат овие тестови. Имаме интерес од клиентите и за Турција, иако и за таму се потребни тестови, сепак, туристички има многу што да понуди, па последниве години оваа земја привлекува многу туристи – укажува сопственикот на туристичка агенција „Арбо травел“, Дончо Нацев.
Тој објаснува дека иако во понудите се опфатени и подалечни земји, меѓу кои и Египет, сепак, оваа година помал е бројот на граѓани што бараат или кои одлучуваат летниот одмор да го поминат во некои од тамошните туристички дестинации или, пак, во други подалечни дестинации.
– Неизвесноста сѐ уште е присутна, се стравува од затворање на границите поради ширењето на делта-сојот, особено за од септември, но и за летните месеци е неизвесно. Иако Македонија веќе е на зелената листата на земји поради намалениот број заразени, сепак, за патување во некои од европските земји сѐ уште се бараат причини за патување, тестови и тешко се добива одобрение. Од друга страна, интересот кај нашите сограѓани за посета на домашните туристички дестинации е слаб, иако во нашата агенција им е даден приоритет на домашните хотелиери. Ние и лани успеавме да донесеме туристи од Украина во екот на пандемијата, секако дека ќе продолжиме да работиме и на тоа да се вратат посетителите во нашите туристички дестинации – дополнува Нацев.
Тој посочи дека голем број граѓани се одлучуваат да летуваат во Албанија, каде што и минатата година бил забележан раст на туристичките посети. Посочува дека како земја што не бара тестови, ниту има ограничување на границите, станува примамлива, како за нашите граѓани така и за туристи од Европа и пошироко.
– Албанија изминативе години привлекуваше многу туристи, луѓе што патувале во Грција, Италија или во Хрватска. Веќе привлекуваат и дел од нашите традиционални туристи, а гледаме дека и годинава е голем интересот за Албанија. Исто така се врати интересот и за Црна Гора, додека за Хрватска помал број граѓани се интересираат и се одлучуваат да заминат на летување, што сметаме дека се должи и на самата оддалеченост, но и на условите за влез во земјата – посочува Нацев.
Претставниците на туристичката агенција „Савана“ исто така посочија дека веќе се чувствува голем интерес за летување и дека поголем дел од предрасудите се надминати, се враќа довербата кај граѓаните и дека многу од нив се распрашуваат за протоколите за заштита, но и за протоколите за влез во одредена земја.
– Веќе сме во екот на сезоната, секојдневно имаме голем број резервации, сѐ повеќе граѓани бараат дестинација за летен одмор, а традиционално приматот го има Грција, но сѐ повеќе интерес има и за Турција.
За поблиските дестинации имаме голем број групни тури, но има и граѓани што се одлучуваат за индивидуални тури за Малдивите, Сејшелите, но во помал обем од претходните години. Слична е ситуацијата и со Египет, за каде што има резервации и интерес, но не како претходните години – објаснува Ана Василевска, менаџерка за резервации. Таа дополни дека многу од граѓаните што патуваат со нивната агенција заминуваат на некоја од дестинациите со направен тест за утврдување на присутноста на вирусот, а помал број се вакцинирани граѓани или, пак, со сертификат за прележан вирус.
Заедничкиот извештај на Конференцијата за трговија и развој и Светската туристичка организација на ООН тврди дека меѓународниот туризам и неговите тесно поврзани сектори претрпеле загуба од 2,4 илјади милијарди долари во 2020 година, поради директни и индиректни влијанија од остриот пад на меѓународните туристички патувања.
Исто така, се проценува дека слична загуба ќе се случи и во 2021 година, бидејќи обновувањето на туристичкиот сектор е директно зависно од вакцините против ковид-19 низ целиот свет. Бидејќи вакцинацијата е поизразена во богатите земји, извештајот нагласува дека загубите во туризмот се полоши кај земјите во развој. Главните пречки се ограничувањата на патувањето, бавното ограничување на вирусот, малата доверба на патниците и лошото економско опкружување. Постојат некои малку оптимистички вести дека се очекува скок во меѓународниот туризам во втората половина на 2021 година, но сепак тие веруваат дека загубата од 1,7 илјада милијарди до 2,4 илјади милијарди долари оваа година сè уште е „опција“.