Се добива силен недвосмислен впечаток дека со бомбастичните изјави, од високи државни функционери од соседството, се спушта рампата за пријателство што Македонија веруваше дека ја крена, прифаќајќи го преминувањето на сите црвени линии со Преспанскиот договор, како и со потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија, заради „повисоки наши национални интереси и перспектива“. Кој е мотивот за ваквите отровни изјави кон Република Македонија?
Доколку човек деновиве паралелно ги следи бугарските и грчките медиуми, ќе добие впечаток дека меѓу Бугарија, Грција и во тој пакет и Република Македонија, растат тензиите и незапирливо се акумулираат политички спорови и напнатости. Имено, историски спротивставувања, страв од територијални претензии, остри реакции и реторики и различни расправии се предмет на медиумските прилози. Во таа насока, целиот арсенал познат од минатото е повторно впрегнат за да ги убедува публиката, гледачите и читателите на информативните прилози дека кај двете односно трите споменати страни, нешто сериозно не е во ред.
А сето тоа е потпомогнато од толкувањето на регионалните „аналитичари“, кои му долеваат масло на огинот, односно на изјавите на тамошните политичари. Секако, се добива силен недвосмислен впечаток дека со таквите бомбастични изјави се спушта рампата за пријателство што Македонија веруваше дека ја крена, прифаќајќи го преминувањето на сите црвени линии со Преспанскиот договор, како и со потпишувањето на договорот за добрососедство со Бугарија, заради „повисоки наши национални интереси и перспектива“.
Од друга страна, некои од домашните познавачи на состојбите во ЕУ ваквата заострена реторика, која доаѓа од соседството (од земји-членки на Унијата кон нас), ја коментираат и ја прифаќаат многу бенигно. Многу чудно, но таквата реторика се толкува како почнување на кампањата во нивните земји за претстојните мајски европски парламентарни избори!? Исто така, како втор мотив за отровната реторика, соговорниците истакнуваат дека таа е во функција на „дневна политика што служи единствено за собирање внатрешни политички поени“. Сепак, нашите соговорници се со единствен став дека тоа воопшто не е во ред, дека е надвор од сите стандарди на комуникација и дипломатија и дека крајно време е „Брисел да ги вразуми овие земји и на истите тие да им посочи дека треба да бидат одговорни при коментирањето на ваквите чувствителни теми за соседите“.
Професорот по меѓународно право Лазар Лазаров вели дека реакцијата на Красимир Каракачанов се должи на неговиот страв дека со влезот на Македонија во ЕУ, може да остане без парите од продажбата на бугарските пасоши и ништо повеќе од тоа. Во исто време пензионираниот професор и познавач на состојбите во ЕУ тврди дека ваквата слична реторика е забележана во претходните годините кај соседите членки на Унијата особено кога во Европскиот парламент и Европската комисија следуваат избори.
– Најпрово Каракачанов сака да ја зајакне својата разнишана позиција во Владата и пред изборите во ЕП и на некој начин да се рехабилитира за аферите околу бугарските пасоши. Во исто време очекувам бугарската влада да се дистанцира од неговите политики и јавно да се огради токму поради духот на добрососедските односи – вели Лазаров. Професорот во пензија додава дека во исто време ЕУ но и ЕК и ЕП мора да ги вразумат овие земји да внимаваат што зборуваат и еднаш засекогаш Бугарија и Грција да престанат со таквите провокации, кои со години пристигнуваат на нашата адреса.
– Слично како и Бугарите и Грците се со слична улога. Ставот на Мицотакис на сите ни е познат, а провокациите од Нова демократија никако да престанат. Меѓутоа и покрај тоа со Преспанскиот договор не може да ни се спречи нашиот пат кон ЕУ. Никој од Македонија не се ориентира кон Бугарија или, пак, кон Русија туку кон ЕУ и Америка.
Ваквите провокации не одат во прилог на македонско-бугарските но и грчките односи. Апелирам до тамошните влади да ги вразумат своите политички чинители и да им дадат до знаење дека тоа не оди во прилог на целиот регион на Западен Балкан вклучувајќи нѐ и нас, бидејќи Европа настојува овде да завладее демократијата во целост без разлика дали сме или не сме земји-членки на ЕУ – оценува Лазаров. Заканата за можно блокирање на македонските процеси од соседите за ЕУ и за НАТО, сепак, за универзитетскиот професор Нано Ружин е само епизодна.
– Епизодно ваквите изјави можат да попречат, да закочат некои процеси, да ги мобилизираат јавноста, медиумите, но битно е што државите ставија потпис на договорот. Моментално можеби предизвикуваат одредени реакции, но гледано во глобала мислам дека не можат да ѝ го оневозможат патот на Македонија кон НАТО и кон ЕУ – оценува Ружин во изјава за домашните медиуми. Ружин смета дека и на македонска и на бугарска страна има политичари и историчари што го бранат својот двор, но потребно е да продолжи рамката на досегашната позитивна политика, во услови кога веќе е ставен потпис на договорот за добрососедство. Апелира историјата што е предмет на дискусија во двете комисии да им се остави на историчарите.
– Многу е лесно од позиција на сила некоја држава што е членка на некоја меѓународна организација да се сили и да ви наметнува одредени уцени, дури тоа не е популарно. Се знае и во големите меѓународни организации одлучуваат најглавните и најстарите членки. А овие новодојдените, некогаш за дневна употреба можат да зборуваат сѐ и сешто – додава Ружин.
Од македонското МНР во однос на последните прозивки од политичари од Софија се задоволија само со одговор дека имаме потпишано договор за пријателство и дека во духот на тој договор ќе продолжиме со својата проактивна, конструктивна и добрососедска политика.