Голем дел автомобилски компании го следат трендот и се обидуваат да создадат хибридни или електрични автомобилски серии. Некои од нив ја истражуваат технологијата за производство на електрични автомобили и се обидуваат да се пренасочат, затоа што иднината се електричните автомобили. Во оваа ера, која е зачеток на електричните автомобили, може да се забележи дека дизајнерите и производителите на автомобили почнуваат разни дискусии за разни автомобилски концепти. На автомобилските саеми често се прикажуваат тие концепти, но реалноста е дека само мал број од нив заживуваат.
Дел од проблемот е тоа што електричните автомобили не можат да постигнат високи брзини. Ваков проблем нема кинескиот концепт за автомобилот „чјанту K50“, кој во 2020 година ќе стигне на американскиот пазар. Автомобилот официјално деби ќе има при крајот на април годинава, на автомобилскиот саемот во Њујорк. Таму ќе бидат прикажани спецификациите на производствената линија од автомобилот што е наменета за пазарот во Америка. Според предвидувањата на експертите, ќе претставува еден од водечките автомобили од овој вид и класа.
Во декември минатата година кинеската компанија „ЦХ-ауто“ ги објави интенциите за продавање на својот електричен спортски автомобил со две врати во САД. Во тоа време, кинескиот производител на автомобили изјави дека соработува со американската фирма „Мулен“, која подоцна објави дека ќе го составува возилото и ќе го продава во САД. Ова е интересен случај затоа што првпат се случува кинеско високопрофилно возило да биде „американизирано“, вообичаено се случува обратно.
– Лесните материјали од кои е изграден овозможуваат голема заштеда на тежината кај овој автомобил. Автомобилот има вградена алуминиумска рамка и поседува 29 надворешни панели изградени од карбонски влакна. Каросеријата на автомобилот е лесна и се состои од надворешните панели, кои се прикачени на алуминиумската шасија. Вкупната тежина на возилото изнесува околу 4.300 килограми. Исто така автомобилот поседува независна суспензија со двојно повлекување, што претставува одличен автомобил за ракување во снежни услови – вели Френк Мекмахон, главен инженер на автомобилската фирма „Мулен“.
Автомобилот поседува фотоапарат со опкружување од 360 степени, предно ветробранско стакло со можност за загревање и покрив со сончев панел за контрола на климата. Внатрешноста е обвиена во „алкантара“, специјален материјал, има 3Д-систем за навигација со глас и 15,6-инчен инфозабавен екран на допир. Дизајнот на автомобилот има преземено концепти што постојат кај други автомобили како двобојниот стил на „бугати“, стилскиот дизајн од „мекларен“ и „акура“. Во секој случај автомобилот е уникатен. Купето „чјанту K50“ ќе биде најголемиот производствен проект досега. „K50“ е целосно електричен двосед, со погон на сите тркала. Тој се напојува од пар електрични мотори со течно ладење, кои комбинирано произведуваат 402 коњски сили на сите четири тркала. Моќта на автомобилот доаѓа од литиумјонска батерија, која има 78 киловат-часа и може да овозможи движење до 370 километри.
Овие спецификации веројатно ќе бидат променети малку за пазарот на САД, но главните нема да се менуваат. Тоа значи дека автомобилот ќе има забрзување од 100 километри за 4,2 секунди и максимална брзина до 200 километри на час.
Иако цените допрва треба да се утврдат, Мекмахон вели дека „K50“, најверојатно, ќе биде околу 105.000 долари. Автомобилот во моментов се продава во Кина за околу 150.000 долари за најдобро опремени верзии. Деловниот план на „Мулен“ предвидува максимален капацитет за изградба на 650 единици годишно.