Една од опциите е да се повлече мораториумот за изградбата на нуклеарката „Белене“
Министерството за енергетика на Бугарија, во рок од 30 дена, ќе подготви извештај со конкретни предлози за тоа како да бидат искористени средствата што се наменети за спроведување на проектот за нуклеарната централа „Белене“. Ова го најави министерот за енергетика Теменужка Петкова од Сочи, каде што учествуваше на десеттото издание на меѓународната изложба „Атомекспо“ во организација на руската нуклеарна корпорација „Росатом“.
– Приказната за „Белене“ е стара. Уште кон крајот на 80-тите години беше обезбедена опрема, која пред 7-8 години се продаде за многу пониска вредност. Во 2004 година владата на Симеон Саксобурготски одлучи проектот да биде одобрен само ако почне без интервенција на државата од гледна точка на финансирањето. Се надевам дека ова решение да не биде променето – изјави економистот Владимир Каролев во емисијата „Бугарија наутро“.
Во моментов, работна група во Министерството за енергетика ги разгледува сите можни опции поврзани со користењето на опремата во „Белене“. Една од опциите е да се повлече мораториумот за изградбата на нуклеарката „Белене“, за да може народното собрание да даде мандат за разговори со можни инвеститори.
Јавор Кујумџиев, поранешен заменик-министер за енергетика, пак, коментира дека висината на трошоците за „Белене“ се сериозен проблем.
– Ова е единствениот ваков проект во Европа, кој ги има сите потребни дозволи, вклучувајќи и од Европската комисија. А од чисто енергетска гледна точка на сите луѓе им е јасно дека во следните децении потрошувачката на електрична енергија ќе се зголемува постојано. Затоа и „Белене“ мора да се случи – рече тој.
Ако националното собрание даде мандат, постапката за избор на стратегиски инвеститор за нуклеарната централа „Белене“ може да почне до крајот на годината.
– Ова решение за мене е ризично, многу ризично. Досега приказната за овој проект е таква – големи и бесмислени инвестиции и нема гаранции – изјави политикологот Даниел Смилов за темата за можното рестартирање на проектот за нуклеарна централа „Белене“.
Доколку се прочита извештајот на БАС, можеме да се види колку е ризичен овој проект. Самата влада признава дека проектот е ризичен и затоа не вложува пари во него. Дури Кина да инвестира во овој проект, Бугарија ќе биде ангажирана со него на многу начини – трошоци за употребеното нуклеарно гориво, целиот ризик при несреќи е на државата, предупредува Смилов, во изјава за „Актуелно“.
Фирми од Кина пројавија интерес за рестартирање на нуклеарната централа „Белене“, но за условите допрва треба да се преговара.
– За мене прагматичното решение е да се преговара, но укинувањето на мораториумот е голем ризик за мене. Ако тоа е сериозен интерес за инвеститорите тогаш може да се разговара и за тоа – дециден е Смилов.
Дали Кина е навистина заинтересирана за купување руски реактори, или само сака на истата локација да гради сопствена, централа, е прашањето на Смилов.
Бугарија има потрошено меѓу 2 и 3 милијарди евра за одржување на „Белене“.