Македонската машка ракометна репрезентација до 18 години, денес (17.30 ч.), во Тбилиси, Грузија, ќе ги одмери силите со своите врсници од Белорусија, во полуфиналниот дуел на ЕХФ-шампионатот од дивизијата Б.
Избраниците на македонскиот селекторот Данило Брестовац, се единствената селекција на шампионатот што групната фаза ја заврши со максимален ефект од пет победи во исто толку натпревари, па тргнувајќи од тој факт и во денешниот дуел се очекува добра и борбена игра од македонските ракометни надежи.
– Нѐ очекува многу тежок дуел со физички посилен противник. Се подготвуваме за интелигентен ракомет и игра со што помалку контакти во нападот. Одбраната веќе се докажа во два значајни и тешки натпревара и сметам дека ќе може да го понесе товарот и на претстојниот дуел. Имаме одиграно еден натпревар повеќе од Белорусија, така што тие се посвежи и поодморени од нас. Во согласност со условите и ние се обидуваме да се регенерираме на најдобар можен начин, за што посвежи и што поподготвени да влеземе во овој меч – вели селекторот Брестовац.
Иако млади и недоволно искусни, избраниците на Брестовац од натпревар на натпревар на теренот презентираат сѐ посигурна и поборбена игра, која дава надеж за нов триумф.
– Одигравме добро во досегашниот тек од шампионатот, но во овие два преостанати меча треба да одиграме најдобро што знаеме и умееме. Со селекцијата на Белорусија се сретнавме на турнирот во Полска минатата година, каде што одигравме нерешено 27-27. Имаат многу добар и квалитетен состав, во кој повеќето ракометари беа дел и од јуниорската селекција што играше на шампионатот во Скопје. Но, тоа не нѐ плаши нас. Имаме и желба и мотив да се надигруваме со секого. Најважно е максимално да влеземе во натпреварот, да го одиграме договореното и резултатот сам ќе си дојде – оптимист е младиот репрезентативен голман Марко Кизиќ.
Во првиот полуфинален дуел (15 ч.) ќе се сретнат Швајцарија и Италија, а победниците од двете полуфиналиња ќе играат во неделното финале (16 ч.), кое на победникот ќе му донесе пласман на кадетското и на јуниорското Европско првенство (ЕП) 2020 година, во дивизијата А.