Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според Локалниот еколошки акциски план, се предвидува и спроведување едукативна кампања за зголемување на јавната свест за штетноста од користењето несоодветни суровини за греење на домовите. Дополнително ќе се реализираат и кампањи за зголемување на јавната свест за користење и градба на фотоволтаични системи, како и за бенефицијата од примената на енергетски ефикасни фасади и зелени покриви, информираат од Општина Карпош

СО ЛОКАЛЕН ДИНАМИЧЕН ЕКОЛОШКИ АКЦИСКИ ПЛАН ДО ЧИСТА ЖИВОТНА СРЕДИНА

Општина Карпош влегува во сериозен костец со загадувањето на воздухот, кое во оваа општина, особено во зимскиот период, претставува огромен проблем за локалното население. Со годинешниот еколошки план на општината, планирани се буџетски средства во висина од еден милион денари, со кои Општината ќе го реализира Локалниот еколошки акциски план (ЛЕАП 2) за 2021 година.

МОБИЛЕН ИНСТРУМЕНТ ЗА МЕРЕЊЕ НА ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОЗДУХОТ

За заштита и унапредување на животната средина годинава Општината ќе набави мобилен инструмент за мерење на загадувањето на амбиенталниот воздух, со кој ќе се мери присуството на ПM 10, ПM 2,5, CO2, SO2, NO2, CO, во вредност од 500 илјади денари.
– Овој инструмент, кој се развива преку Фондот за иновации и веќе подолго време се тестира во општината Карпош, ќе овозможи мерење на разни локации и детектирање на потенцијалните загадувачи. За разлика од статичните мерни станици, со овој мобилен инструмент (кој го конструирале професори од Електротехничкиот факултет и ги има сите сертификати за својата намена), стручните лица од Општина Карпош ќе вршат мерење на загаденоста на воздухот на терен, на која било локација. Односно онаму каде што се сомневаат дека постои опасност од загадување или, пак, по некоја дојава за некој потенцијален загадувач, без разлика дали се работи за физички лица или, пак, за трговски, стопански производствени капацитети – информираат од Општина Карпош.
Оттаму најавуваат дека годинава ќе одберат и фирма што ќе го ажурира катастарот на загадувачи, чија намена е точно мапирање на сите физички и правни лица што претставуваат закана за животната средина.
– Според Локалниот еколошки акциски план, се предвидува и спроведување едукативна кампања за зголемување на јавната свест за штетноста од користење несоодветни суровини за греење на домовите. Дополнително ќе се реализираат и кампањи за зголемување на јавната свест за користење и градба на фотоволтаични системи, како и за бенефицијата од примената на енергетски ефикасни фасади и зелени покриви – информираат општинските власти.

ШТО Е ЛЕАП

Локалниот еколошки акциски план (ЛЕАП) претставува највисок локален стратегиски документ за заштита, планирање и управување со животната средина. ЛЕАП како стратегиски документ од суштинско значење ги детектира актуелните состојби во областа на животната средина и усвојува соодветни краткорочни и долгорочни мерки за решавање на идентификуваните проблеми за граѓаните на Општина Карпош. Овој ЛЕАП се надоврзува на веќе одамна почнатите процеси на управување со животната средина во Општина Карпош, почнати со реализацијата на претходните акциски планови. Тој има значајна функција во утврдувањето и апликацијата на принципите на одржливиот развој на локално ниво и во создавањето основа за вистинско функционирање на локалната демократија, за креирање економија што ќе ги вградува вредностите на водите, воздухот, земјиштето, биодиверзитетот, природните вредности и реткости, во насока на обезбедување подобар стандард на живеење на граѓаните и одржливо користење на ресурсите во секоја општина. Подготовката на ЛЕАП 2 како втор стратегиски плански документ на општинско ниво пред сѐ е иницирана од законската обврска за ревидирање на овој документ на секои шест години, но и од потребата на граѓаните за чиста и здрава животна средина во континуитет.

Главните цели на процесот на изработка на ЛЕАП се: процена на состојбите со животната средина на локално ниво; дефинирање, процена и поставување на проблемите од областа на животната средина, базирани на ризикот за човековото здравје, екосистемите и генерално квалитетот на животот; развивање стратегии и активности за намалување на ризиците по животната средина во општината; зголемување на јавната свест и одговорноста за заштита на животната средина и зголемување на поддршката од јавноста за инвестициите од областа на животната средина во општината.
Изработката и усвојувањето на ЛЕАП носат голем број придобивки, како за локалните власти, така и за јавните институции, стопанскиот сектор, невладиниот сектор и, секако, најмногу за граѓаните.
Како што е наведено во самиот ЛЕАП 2, позначајни очекувани долгорочни придобивки се: зголемена јавна свест за прашањата поврзани со животната средина во општината; успешно развиени стратегии за решавање на проблемите од областа на животната средина; создадени услови и локални капацитети за идни инвестиции за решавање на проблемите од областа на животната средина во општината.

[email protected]