Важна работа на која треба да се посвети внимание во Црна Гора е влијанието на рускиот сомнителен капитал присутен во политиката, предупредува Мајкл Карпентер, поранешен претставник на Пентагон за Балканот. Тој во интервју за „Гласот на Америка“, потсетува на можноста за мешање на Русија на наредните избори во ЦГ.

– Можеби тоа нема да биде како во случајот за преврат во ЦГ. Јас би бил внимателен и можно е да се случи нешто што би влијаело на изборниот процес. Не се исклучени и сајбер-напади и други видови мешање во внатрешните работи, пред наредните избори – изјави Карпентер.

Карпентер нагласува дека дијалогот меѓу црногорските власти и опозицијата е најдобро решение, во контекст на спроведување на изборите и на потребните реформи.

– Ако може да се постигне договор за реформите во изборното законодавство и за други прашања, како што е кривичното гонење на случаите на организиран криминал и корупција, тоа би било добра основа за одржување на изборите на кои ќе учествуваат сите партии, а Црна Гора би можела да ја јакне својата демократија – вели Карпентер.

Собранието на Црна Гора ги усвои измените на одлуката за формирање на одборот за реформи на изборното законодавство, благодарение на договорот на владејачката партија со дел од опозицијата. Ова предизвика поделби меѓу најсилните опозициски групации Демократскиот фронт и Демократска Црна Гора.


Почнува забраната за пушење во затворени простории

Во Црна Гора од денеска почнува забраната за пушење во затворени простории. Според Законот за ограничувања на употребата на производи од тутун, секој што ќе ги прекрши одредбите на законот ризикува да плати казна до 20.000 евра.
Законот, со кој се забранува употреба на производи од тутун во јавни затворени простории, освен во казина, беше одобрен едногласно во парламентот на 31 јули, пренесува РТЦГ.
Со донесувањето на новиот закон за ограничување на употребата на производи од тутун, Законот за такси ќе престане да важи и веќе нема да може да се плаќаат такси за да се овозможи пушење во некој дел од објектот.
Новиот закон не дозволува пушење во која било просторија или област каде што се консумираат храна и пијалаци.