Познатата меѓународна агенција за консултантски услуги „Мекинси енд компани“ го објави годишниот преглед на банкарскиот свет за минатата година. Процените и прогнозите во овој документ се поразителни и шокантни
Поразителни проекции за работењето на банките на глобално ниво
Во текот на десетте години по глобалната финансиска криза од 2008 година, се случуваше континуирано слабеење на банките низ светот: профитот се намалуваше, а некаде се претвораше дури и во загуби, падна профитабилноста на капиталот, стапките на раст на кредитното портфолио почнаа да заостануваат од и онака скромниот пораст на БДП.
Нарушени пропорции и односи меѓу финансиите и стопанството
– Во 2018 г., растот на светското БДП номинално изнесуваше 5,9 отсто, а кредитите пораснаа само за 4,4 отсто – пишува докторот по економија Валентин Катасонов во својот напис „Доаѓа смртта за банките“, кој беше објавен на веб-страницата на Фондот за стратегиска култура.
Според неговото мислење, кризата од 2008 г. не доведе до враќање на нарушените пропорции во стопанството и финансиите. Економијата влезе во новата деценија во состојба на депресија. Сите ја очекуваа вообичаената преродба, но таа не се случи. Централните банки се обидоа да ја заживеат економијата со намалување на клучните стапки, но нивните напори личеа на морфиумска терапија кај пациент: дозволени се неколку инјекции, но пациентот не може постојано да биде „пумпан“ со лекови.
„Гледаме дека централните банки веќе една деценија ги одржуваат своите клучни каматни стапки на исклучително ниско ниво. Некои од нив (во Данска, Шведска, Швајцарија и во Јапонија) главно ги беа спуштиле под нулата. Американското Биро за федерални резерви ја држеше клучната стапка на ниво од 0 до 0,25 отсто од крајот на 2008, па до крајот на 2015 година.
Од 2016 година досега, клучната ставка на Европската централна банка е постојано на нула. Сето тоа се направи заради заживување на економијата, но тоа не се случи. Банкарскиот систем се соочи со многу сериозни проблеми: каматните стапки за активното (кредитно) и пасивното (депозитно) стопанисување станаа исклучително ниски. Тешко се заработуваше на сметка на каматните операции, а приходите во форма на провизии почнаа да играат сѐ поголема улога.“
Четириесет отсто од светските банки создаваат вредност, 60 отсто ја уништуваат
На првата страница од споменатиот годишен преглед на банкарскиот свет на агенцијата за консултантски услуги „Мекинси енд компани“, е прикажана кратка содржина на истражувањето: имено, само 40 отсто од светските банкарски организации создаваат вредност, а дури 60 отсто ја уништуваат!
„Оваа фраза значи дека само две петтини од сите банки создаваат профит, додека три петтини се непрофитабилни“, појаснува еден од експертите. „Овие три петтини со текот на годините можат да трупаат загуби до целосен банкрот, а многумина остануваат во живот благодарение на санацијата, односно паричниот прилив од страна на централните банки или државата. Штетите и загубите целосно се обелоденуваат само за време на фазата на банкрот, за на крајот да паднат на товар на целото општество (преку даноци, зголемена инфлација, директни загуби за клиентите на банката во стечај итн.).“
Според мислењето на професорот, податоците на агенцијата за консултантски услуги, кои укажуваат на губењето на банкарската профитабилност „не се неочекувани!“. Извештаите на Европската централна банка се јасни: кај секоја втора банка повратот на капитал е помал од трошоците за негово собирање.
Половина од банките во светот ќе бидат ликвидирани
Процените содржани во документот може да бидат толкувани на различни начини, но сосема е очигледно дека барем половината од светските банки се осудени на смрт, смета експертот.
„Што значи смрт за една банка? Се работи за нејзина комплетна ликвидација како резултат на банкрот или, пак, преземање од некоја поголема и поконкурентна банка.
Во денешно време, компаниите со висока технологија, кои развиваат дигитални валути и услуги за брзо плаќање, веќе претставуваат силна конкуренција за банките. Тие привлекуваат милиони клиенти на пазарот – поранешни корисници на услуги од страна на традиционалните банкарски организации.
Некои од денешните банки се обидуваат да бидат достојни конкуренти на високотехнолошките компании, други претпочитаат да склучуваат спогодби за соработка, а во некои случаи доаѓа и до спојување.“
– Под терминот „решителни акции“, авторите на годишниот преглед подразбираат најмалку три вида акции. Најважна од сите е смело да се прејде на нови технологии, пред сѐ дигитални. Покрај тоа, банките би требало да се интегрираат по пат на спојување. Во иднина, големината на финансиските институции веројатно ќе има поголемо значење, бидејќи банките се приближуваат до технолошката трка за наоружување. Конечно, банките не би требало да се држат настрана од пошироката употреба на аутсорсинг, односно префрлање на помалите задачи кон други компании, заради намалување на трошоците, сметаат од „Меккинси енд компани“.
За банките голема опасност се и дигиталните валути
– Постои уште една закана за сигурноста на банките, која не се спомнува во наведениот документ, но чие значење ќе се зголеми во блиска иднина. Годинава централните банки ги зголемија напорите за воведување официјални дигитални валути. Лидери во овој новитет се Народната банка на Кина и централните банки на Шведска, Јужна Кореја и на Тајланд. Од неодамна во дигиталната трка се вклучи и Бирото за федерални резерви на САД. Една од главните цели на централните банки што воведуваат своја дигитална валута е таа да стане замена за готовината. На тој начин банките ќе се обидат да ги задржат своите клиенти, кои почнаа да ги повлекуваат своите пари од банкарските депозити, пишува докторот по економија.
Се чини дека зафатот на замена на готовина со дигитални валути е смислена да го запре почетниот колапс на системот на комерцијалните банки. Меѓутоа, се покажа дека таквата акција за спасување може уште побрзо да ги уништи комерцијалните банки, затоа што тие ќе ја изгубат традиционалната улога на посредник меѓу централната банка и физичките лица, смета Катасонов.
Издавањето дигитални пари во замена за хартиени банкноти значи дека централната банка ќе отвора депозитни сметки по барање од физички лица. Во една ваква шема, комерцијалните банки се непотребни.
Услугите за граѓаните може комплетно да преминат во ингеренција на централните банки, перспектива што е многу необична за современиот човек. Досега речиси никој немал обврска директно да се обрати до централната банка, но во случај на воведување официјални дигитални валути, тоа ќе биде неизбежно.
Економистот потсетува дека на почетокот на дваесеттиот век, марксистите воделе активни дискусии за прашањето за концентрација и централизација на капиталот, како и за создавањето монополи во разни области на економијата, вклучувајќи и во банкарството. Во своето дело „Империјализмот како највисока фаза на капитализмот“, Ленин наведува дека пред монополизацијата да ја достигне својата крајна точка (создавање апсолутен монопол), противречностите на капитализмот ќе бидат толку моќни, што тој ќе се распадне.
– Повеќе пати сум напишал дека денес постојат премногу знаци што укажуваат на тоа дека капитализмот ги живее своите последни денови. Доказ за тоа е постојаната финансиска криза во последнава деценија. Светот влегува во ерата на посткапитализам. Дали во него ќе има банки? Да го оставиме ова прашање за следниот пат – заклучува Валентин Катасонов.