Во САД, женската фудбалска репрезентација почна правна постапка за еднаквост во платите, во Нов Зеланд и во Норвешка машките и женските играчи почнаа да добиваат исти парични награди додека настапуваат за репрезентациите, а Холандската федерација постигнала договор за пораст на комерцијалните надоместоци за фудбалерките, за да се израмнат со тие на нивните машки колеги помеѓу 2021 и 2023 година

Популарноста на женскиот фудбал брзо расте, со оглед на тоа што глобалната публика за Светското првенство за жени, што се игра во Франција, се очекува да достигне до една милијарда, пишува Би-би-си. Но фудбалеките сѐ повеќе го доведуваат во прашање нивото на заработка и паричната награда што ја добиваат во споредба со нивните машки колеги.

По неодамнешната импресивна победа на САД со 13-0 на мечот со Тајланд, се зголемија повиците за еднаквост во платите. Победниците во Франција ќе добијат четири милиони долари, што е двојно повеќе од премијата на претходниот турнир, во 2015 година. Паричната награда за другите репрезентации зависи од успехот, почнувајќи од 750.000 долари за настап во групната фаза. Вкупниот награден фонд на ФИФА е 30 милиони долари. За минатогодишниот машки Мундијал вкупниот награден фонд изнесуваше 400 милиони долари, повеќе од десет пати повеќе.

Освен паричната награда, секоја женска репрезентација добива околу 800.000 долари за трошоци за подготовките и за клупскиот надомест. Машките репрезентации во минатата година добија по 1,5 милион долари. Често се тврди дека ова е поврзано со разликата во приходите генерирани од настаните за мажи и за жени. Сепак, ФИФА вели дека комерцијалните приходи од Светското првенство на жени не можат да се одвојат од другите натпревари на ФИФА, бидејќи правата често се продаваат во пакет, пишува Би-би-си.
Дали играчите ги добиваат сите пари од наградите? ФИФА не доделува пари за награди на членовите на репрезентациите, туку на националните федерации, кои можат да изберат колку да им дадат на играчите и колку да инвестираат во други области во фудбалот.

– На крајот од денот, паричната награда е толку мала за жените во споредба со мажите, што гледаме дека играчите повеќе се потпираат на спонзорства, плати од клубот или од федерацијата – вели Кејтлин Мареј, авторка на книгата за историјата на американската женска репрезентација.

Според Би-би-си, позицијата на ФИФА е дека организацијата постигнува значителен напредок во поддршка на фудбалот за жени. Паричната награда „е само мал дел од инвестициите што ФИФА ги прави за развојот на женскиот фудбал низ целиот свет“, вели Сараи Баремен, директор за фудбал за жени во ФИФА. Во текот на следните три години ФИФА планира да вложи 400 до 500 милиони долари директно во женскиот фудбал. Неодамнешниот финансиски извештај покажал дека организацијата потрошила 28 милиони долари за промоција на фудбалот за жени, пишува Би-би-си.

Во САД, женската репрезентација почна правна постапка против националната фудбалска федерација за прашањата за еднакви плати. Сојузот на австралиските играчи ја повика ФИФА еднакво да ги наградува машките и женските играчи. Нигериската селекција организира протест во хотел во 2016 година поради неисплатени пари, откако победила на Купот на нациите во Африка за жени.

Договорот од 2018 година во Нов Зеланд доведе до тоа машките и женските играчи да добиваат исти парични награди додека играат за репрезентациите. Во Норвешка од 2017 година мажите и жените почнаа да добиваат иста плата за претставување на нивната земја. И Холандската федерација неодамна постигна договор за пораст на комерцијалните надоместоци за фудбалерките, за да се израмнат со тие на нивните машки колеги помеѓу 2021 и 2023 година, објави Би-би-си.


Во 83 отсто од спортовите постои еднаквост

Од другите спортови, во тенисот одамна турнирите имаат еднакви награди за мажите и за жените, а една студија на Би-би-си од 2017 година покажала дека 83 отсто од спортовите имаат еднакви парични награди за двата пола, што е повеќе од 70-те проценти од слично истражување две години пред тоа.
Според истражувањето, меѓу спортовите со еднакви парични награди се алпското скијање, биатлонот, нордиското скијање, сноубордот, брзото лизгање, пливањето, пинг-понгот, тенисот, сурфањето, стрелаштвото, атлетиката, скоковите во вода, коњичките спортови, уметничкото лизгање, гимнастиката, џудото… До 1973 година ниту во еден спорт немало исти парични награди за мажите и за жените.