Темата што најдиректно и најдлабоко ги засега сите граѓани во земјава можеби на прв поглед не изгледа како нешто што би можело да им наштети на рејтинзите на политичките партии, особено не во пресрет на претседателските и, евентуално, на парламентарните избори, но упатените потсетуваат дека, без оглед на она што се наметнува како „големи теми“, и проблемите што секојдневно и директно ги засегаат луѓето, секако, имаат потенцијал да ги раздвижат нештата, па дури и во неочекувана и за некои непосакувана насока
Директна порака до власта дека ќе се соочи со последици доколку итно не преземе радикални мерки за намалување на загадувањето на воздухот во земјава, чии неколку поголеми градови постојано се на врвот на листите на најзагадените на глобално ниво, а на која, барем досега, немаше соодветен одговор, би можела значително да влијае врз резултатот на претстојните избори, независно дали тие ќе бидат само редовни претседателски, или заедно со нив ќе се одржат и предвремени парламентарни. Со овој заклучок се согласуваат повеќето политички аналитичари откога пред неколку дена до Владата беше испратена закана за радикализирање на протестите, кои во изминатиов период сѐ почесто и сѐ помасовно ги организираат неколку граѓански здруженија. Паралелно на тоа, сѐ поизразен е и револтот што граѓаните секојдневно го изразуваат на социјалните мрежи, како и предупредувањата на лекарите на несогледливите последици од загадувањето врз здравјето на луѓето, а пред сѐ на децата.
Темата што најдиректно и најдлабоко ги засега сите граѓани во земјава можеби на прв поглед не изгледа како нешто што би можело да им наштети на рејтинзите на политичките партии, особено не во пресрет на претседателските и, евентуално, на парламентарните избори, но упатените потсетуваат дека, без оглед на она што се наметнува како „големи теми“, и проблемите што секојдневно и директно ги засегаат луѓето, секако, имаат потенцијал да ги раздвижат нештата, па дури и во неочекувана и за некои непосакувана насока.
Во сублимиран заклучок експертите со кои се консултиравме тврдат дека сосема е логично да се заклучи оти проблемот со загадувањето со сигурност ќе се најде во говорите на политичарите во изборната кампања, без разлика дали таа била само за претседателски или и за парламентарни избори. Според нив, тоа е така поради две причини. Првата причина е таа што загадувањето само по себе како тема со големо внимание се следи од граѓаните и што навестување на позитивни политики може да освои симпатии од гласачите, но и спротивно, нејзиното игнорирање може да резултира со губење на поддршката, а втората причина е што и во минатото овој проблем веќе беше користен како алатка за придобивање гласачи.
Универзитетскиот професор Лазар Лазаров вели дека загадувањето со сигурност ќе биде употребено како оружје на изборите, бидејќи решавањето на овој проблем е од животно значење за сите гласачи во земјата.
Дополнително, Лазаров вели дека решавањето на проблемот со загадувањето има и своја политичка, но и економска димензија, што е уште една причина тој да се наметне како тема во предизборните кампањи.
– Јас мислам дека досега и претходната и оваа власт имаа само празни ветувања на темата за загадувањето. Тоа народот го памети и верувам дека ќе го казни на изборите ако не се најдат наскоро решенија на оваа ситуација – вели Лазаров.
Политикологот Милан Стефаноски се согласува со Лазаров и додава дека ако се анализираат сите изборни циклуси од локални, преку парламентарни, па до претседателски избори, ќе се заклучи дека македонските политичари ја искористуваат секоја можна тема за да се обидат да профитираат кај гласачите.
– Типичен пример за тоа беа минатите локални избори во земјата, на кои иако народот избираше локални власти, политичките кампањи на партиите на големо зборуваа за македонското членство во НАТО и во ЕУ, иако сите знаеме дека градоначалниците имаат минимална или никаква улога во овој процес – вели тој.
Стефаноски додава дека токму затоа е сигурен оти, без разлика какви избори ќе имаме годинава, загадувањето како проблем ќе се експлоатира и со него ќе се манипулира од страна на политичките партии и на нивните кандидати.
Инаку, пред саботниот протест во организација на граѓанската иницијатива „Канцерогено општество“ пред Собранието, во петокот екоактивистите од движењето „За чист воздух“ и група граѓани протестираа пред депонијата Дрисла. На протестите им се придружија и од невладината „Меѓаши“, од каде што особено истакнаа дека болниците се полни со деца со респираторни проблеми. Сите тие најавија дека протестите ќе продолжат, па дури и ќе се радикализираат доколку Владата продолжи да го игнорира проблемот.
Се бара итна седница и секојдневен отчет од Владата
Еден од активистите на граѓанската иницијатива „Канцерогено општество“, Кристијан Узунов, на саботниот протест рече дека ако не се свика итна седница на Владата и не се искористат сите расположливи средства за справување со проблемот со загадувањето на воздухот, тие се подготвени да преземат и други мерки.
– Ако не нѐ сфатат сериозно, ќе мораме да ги радикализираме протестите, за чекорите ќе се договориме дополнително, но ја поддржуваме иницијативата во рок од 15 дена, ако не мрдне состојбата од мртва точка, да дадеме целосна поддршка и да блокираме. Дали тоа ќе биде градот Скопје или клучките во градот Скопје, нешто ќе се смисли, но ќе мора да се дејствува на поинаков начин за да нѐ сфатат малку посериозно – рече Узунов.
Од иницијативата бараат секојдневен отчет од министерот за животна средина и од неговиот заменик за тоа што сработеле. За разлика од првиот протест кога демонстрантите од пред Собранието заминаа кон Владата, насобраните во саботата одлучија да останат пред законодавниот дом и да ја блокираат улицата.