Околу 18.000 свињи се одгледуваат без биосигурносни мерки во земјава и селските семејства ќе треба да ги заколат за што ќе добијат надомест од 3.000 денари по свиња
Надомест во висина од 3.000 денари за секоја заклана свиња ќе добијат домаќинствата што доброволно ќе ги дадат свињите на колење. Ова го најави Владата како мерка за намалување на можноста за влез на африканската свинска чума во земјава. Исто така ќе биде активирана забрана за трговија со живи свињи, внес на сувомесни производи од патници при влез во земјава како и продолжување на отстрелот на дивите свињи од страна на ловџиите.
Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, истакна дека државата ќе преземе радикални мерки да се справи со оваа болест. Тој истакна дека ловечките друштва за 10 дена треба да извршат отстрел на половина од дивите свињи од планот за отстрел за годинава.
– Апелираме до ловните друштва да извршат отстрел на 50 отсто од дивите свињи низ Македонија. Доколку тие не можат да го сторат тоа, тогаш ќе ја активираме армијата. Свињите што се хранат на депониите ќе бидат отстранети и мора да ги примениме овие радикални мерки. Ловните друштва знаат најдобро како да се справат со овој проблем и мора да спречиме болеста да премине на нашата територија – истакна Анѓушев.
Тој информира дека околу 18.000 свињи се одгледуваат без биосигурносни мерки во земјава и селските семејства ќе треба да ги заколат за што ќе добијат надомест од 3.000 денари по свиња.
– За реализација на оваа мерка Владата ќе потроши 65 милиони денари, кои ќе бидат обезбедени со ребалансот на буџетот – појасни Анѓушев.
Тој рече дека итно ќе биде забранета трговија со живи свињи, а сите домашни свињи што се оставени да се хранат на диви депонии ќе бидат заклани.
Министерот за земјоделство, Трајан Димковски, додаде дека државата навреме ги презела сите неопходни мерки да не дојде до влез на вирусот на свинска чума во земјава, но отстрелот на дивити свињи оди тешко, бидејќи е време на одмори и ловечките друштва досега застрелале само една дива свиња.
Меѓу другото беше посочено дека ловците што ќе вршат отстрел на диви свињи ќе добиваат парична награда од 1.000 денари за секоја стрелана единка, а наедно ќе може да го задржат и месото.
Одлуката на Владата за намалување на бројот на свињите, според вицепремиерот Анѓушев, е донесена за да се спречи ширењето на болеста, која се појави во Бугарија пред еден месец, додека во соседна Србија болеста е регистрирана пред неколку дена.
Болеста е штетна за свињите, но не и за човекот. Таа може да му нанесе огромни штети на македонското свињарско производство.
Веќе подолго време, оваа болест е регистрирана во Унгарија, Романија, Бугарија, земји поблиски до Македонија, а од пред неколку дена е регистрирана и во соседна Србија. Африканската свинска чума е регистрирана и во Словачка, Белгија, Литванија, Летонија, Полска, Украина и Молдавија.