„Вистината, лагата и лајковите“ е тема на годинешниот Истражувачки филмски фестивал, отворен завчера во „Кино култура“, во присуство на многубројна публика. Темата на фестивалот отвора прашања за вечната борба за превласт меѓу вистината и лагата, која кулминира во дигиталниот 21 век.
Специјална гостинка на првиот ден беше Џејн Литвиненко, канадска новинарка од „Баз фид њуз“, која отворено говореше за предностите на нејзината работа како новинар на Интернет, за двете страни на порталот на кој работи – забавната и истражувачката, како и за начините на кои нивните тимови ги третираат и објавуваат вестите, вистинити или оние полувистинити. Таа посочи на фактот дека новите онлајн-медиуми користат трикови за манипулации и ширење дезинформации што традиционалните не би ги користеле и дека најголемиот процент жртви на онлајн-измами се членови на постарите генерации. Покрај тоа, Литвиненко зборуваше за силното влијание на Велес (хакерската афера на младите велешани) врз Трамп и Америка, за нелегалното продавање криптовалути на Интернет, ризиците од измамите и како да се заштитиме од нив.
– Најдобро е да останете офлајн! Секогаш внимавајте дали она што го читате на Интернет изгледа како да е напишано за да ве налути или возбуди. Натписи со големи букви, натписи што прават луѓето да се поларизираат… тоа се најверојатно лажни вести. Доколку сакате да проверите, секогаш Гугл е најдобро решение. Во врска со криптовалутите, седете настрана. Речиси никогаш не се исплати да го преземате тој ризик, па дури и кога изгледа дека нештата одат како што треба. Доколку не сте сигурни дека знаете апсолутно сѐ за некоја тема, не ризикувајте, особено ако не сте компјутерски научник – порача Литвиненко.
По нејзиниот говор и дискусијата со публиката, следуваше проекција на краткиот британски документарен филм на режисерот Тоби Патон, насловен „Во Фејсбук: тајните на социјалната мрежа“. Овој документарец нуди уникатен прикриен пристап до модерирачкиот центар на Фејсбук, прикажува како Фејсбук ги регулира содржините што поттикнуваат злоупотреба на деца, суровост кон животни, самоповредување и говор на омраза. Филмот презентира вознемирувачка слика за организација што ги става парите пред моралот и за која екстремната содржина е еднаква на екстремна добивка.
На програмата на вториот ден од фестивалот имаше дебата на тема „Владиниот пиар и социјалните медиуми – влијание, присуство или преголемо присуство“, работилница насловена „Како да ја продадеш твојата приказна со помош на едноминутно видео“, предводена од Мите Кузевски, член на тимот на „ВидиВака“, потоа проекции на два краткометражни документарни филмови, „Случајот Дрисла: ѓубрето не е единствената работа што смрди“ на СКУП и „Водомила“ на Јордан Дуков, како и дебата на тема „Истражувачкото новинарство во Македонија, предизвици и како понатаму“. За вечерта беше најавена проекција на уште два филма, британскиот краток документарец за Велес, „Бајка за лажни вести“ на Кејт Стоунхил, и италијанскиот „Дафне: егзекуција“ на Марио Калабрези.
Денеска фестивалската програма ќе започне со дискусија на тема „Безбедноста на новинарите во Европа – кој го штити новинарството“, по што следува работилница под наслов „Како можат независните медиуми да постигнат успех со кампања за јавно финансирање“ и проекција на документарецот од САД, „Рајски документи: вистинската приказна зад тајната деветмесечна истрага“ на Ерик Вајнриб. Специјален гостин е Даниел Жонса, кој ќе ја држи работилницата на тема „Новинска лабораторија на Гугл“. По работилницата следува дискусија на тема „Истражувачкото новинарство во Германија: предизвици и моменталната состојба таму“, на која говорници ќе бидат: Оливер Шрем, Фолкер Штајнхоф и Анете Довидајт.
Истражувачкиот филмски фестивал завршува со проекција на украинскиот филм „Убивањето на Павел“ на Мет Сарнецки вечерва, во 21 часот, во „Кино култура“.