Новоизбраниот претседател на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, вчера положи заклетва пред пратениците, со што официјално ја презеде функцијата. Тој ја презеде оваа должност од претходниот претседател Филип Вујановиќ.
На свеченоста на давање заклетва нема да присуствува никој од претседателите на другите земји од соседството.
На претседателската инаугурација во Цетиње нема да присуствуваат претставници на опозицијата, која од 2016 година ја бојкотира работата на Собранието на ЦГ.
Вториот претседателски мандат, Ѓукановиќ го почнува со пресметката со цивилниот сектор и независните медиуми, пишува „Вијести“. Извршната директорка на Центарот за граѓанско образование Далиборка Уљаревиќ смета дека Ѓукановиќ својот политички капацитет не го вложувал во развој на државата туку во јакнење на партикуларните интереси.
– Лидерот на ДПС наместо решавање стратегиски државни проблеми, придонесе за тензии во општеството – вели таа.
По три децении на власт и многубројни политички трансформации Ѓукановиќ со претседателскиот авторитет во наредниот период може да ги загрози сите видливи пукнатини во партијата и барањата на Брисел и на Вашингтон за демократизација на земјата и сериозни реформи. Иако не е во опасност од дејствувањето на ослабената опозиција, својот претседателски мандат треба да го помине во балансирање меѓу притисоците на западните или деловните партнери.
– Најголемиот проблем за новоизбраниот претседател на Црна Гора е што владејачката партија ја идентификува со државата. Поради тоа Ѓукановиќ ќе се најде на удар на бриселската администрација – смета Димитар Бачев, професор на универзитетот „Харвард“.
Ѓукановиќ, на претседателските избори во март освои 53,9 отсто од гласовите.
Од воведувањето на повеќепартискиот систем во Црна Гора на функцијата претседател на државата биле Момир Булатовиќ во два мандати, Ѓукановиќ со еден мандат и Филип Вујановиќ со три мандати.