„Иглс“ е рок-состав формиран во Лос Анџелес, САД, во 1971 година. Со пет сингла и шест албуми број 1 на топ-листите и со шест награди „греми“ и пет американски музички награди, тие важат за еден од најуспешните и најпродавани музички бендови од 1970-тите години. Негови основачи се Глен Фреј (гитари, вокал), Дон Хенли (тапани, вокал), Берни Лидон (гитара, вокал) и Ренди Меиснер (бас-гитара, вокал). Првиот албум бендот го издава во далечната 1972 година. Албумот беше насловен „Eagles“ и го содржеше првиот мегахит на оваа музичка група „Take it Easy“ (класична кантри-мелодија со певлив рефрен), и хитовите „Witchy Woman“ и „Peaceful Easy Feeling“. Следната година издаваат нов албум, насловен „Desperado“, од кој произлегоа хитовите: „Desperado“ (балада што котира помеѓу петте најдобри на сите времиња) и „Tequila Sunrise“ (балада во која акустичните гитари царуваат). Во 1974 година на „Иглс“ им се придружува гитаристот Дон Фелдер и го издаваат албумот „On The Border“. Во 1975 година на ред доаѓа албумот „One of These Nights“, од кој произлегоа три извонредни музички хита, „One of These Nights“, „Lyin’ Eyes“ и „Take it to the Limit“ (балада со која ме потсетуваат на „Битлси“ од зрелата фаза). Таа година од бендот си замина Лидон, а како принова дојде Џо Волш, гитара и вокал.
Најуспешна година на бендот е 1976-та, кога го издаде албумот „Hotel California“, албум со два мегахита, „Hotel California“ и „New Kid in Town“ (песна со најдобро можно темпо, невидена хармонија на гласови, симпатично соло и допадлив рефрен). Овој албум е најпродаваниот албум во историјата на рок-музиката, се до појавата на „Thriller“ на Мајкл Џексон. Морам да кажам дека „Иглс“ и нивната музика извршија големо влијание врз мене каков вид музика да слушам во тоа време, а тоа е рокенрол. Но и не само тоа туку и каков рокенрол – рокенролот произлезен од музичките работилници на „Криденси“, „Брдс“ и, секако, калифорнискиот рок на „Орлите“.
Накратко, тоа е рокенролот во кој е споена наративноста на кантри-традицијата со звучните матрици на кои укажа инвазијата на САД од страна на британските попрок-состави. „Иглс“ со „Greatest hits 1971 – 1975“ (најпродаван музички албум на сите времиња) и со албумот „Hotel California“ (денес го зазема третото место на листата најпродавани албуми) го освои музичкиот свет од тоа време, па така имаше сѐ повеќе публика, концертите му беа масовно посетени, а звукот му стануваше сѐ помоќен и помоќен и беше пример на вистински рок за возрасни. На тој начин бендот и го оправдаа своето име „Орли“ и сигурно, триумфално, се упати и искачи на највисоките музички височини.
Светскиот мегахит „Hotel California“ за мене е една од најубавите рокенрол-нумери на сите времиња. Таа е еден вид калифорниска сага со епски текст, во кој не се споменува директно штетното влијание на дрогите врз младите, но тоа може да се почувствува во секој нејзин стих. Да не заборавиме дека рокенролот со својот либерален, а многу често и анархистички став, освен целосно нов поглед на светот, како во музичка така и во социјална смисла, влијаеше и на зголемена употреба на опојни дроги од музичките уметници, но и од нивните верни обожаватели. Не мал број великани во историјата на музиката своето душевно и емотивно доживување го зајакнуваа со употреба на најразлични наркотици. Примери за тоа се Игор Стравински, Хектор Берлиоз, Волфганг Амадеус Моцарт, Лудвиг ван Бетовен…, кои се само некои од најславните од плејадата продуктивни уметници што светската уметност ја збогатија со грандиозни дела, при што со стресовите во нивниот живот се справувале со најразлични опијати. Па, така, и рокенролот не е исклучок. Дури може да се рече дека тој внесе и револуција. Свирењето електрична гитара можеби и не е толку комплицирана работа како пишувањето симфонија или опера, но создава големи музички хитови што носат слава, успех и богатство, а по нив доаѓаат стресот и неснаоѓањето со големиот притисок. Не мал број од нив излезот го бараат во употреба на опојни дроги. Тоа најчесто завршува со трагедија, прекин на млад неодживеан живот.
Веќе во првиот стих од оваа песна бендот укажува на тој трагичен пат, пеејќи „На мрачниот автопат во пустината, со ладен ветар во косата, слаткиот мирис на канабисот се шири низ воздухот/Нанапред во далечината, гледам светилки што сјаат/Главата ми тежи, погледот ми е матен, морав да застанам да преноќам“. Потоа следува еден вид галерија на темни ликови како да се произлезени од режисерската палка на Фелини, мрачни ходници, мистериозни гласови и халуцинации. Еден вид ветено сместување во хотел од кој нема излегување… и сето тоа се спојува во едно заедничко лудило од кое нема излез. Песната завршува со стиховите „Сите ние сме програмирани некого да угостиме, можеш да се чекираш кога и да посакаш, но никогаш не можеш да нѐ напуштиш“. Ете, токму ова е опомената и пораката на песната, во смисла дека во канџите на дрогата се влетува лесно, безмалку неосетно.
Но дури потоа доаѓа пеколот од кој нема враќање. За жал, доказ за ова се и трагичните судбини на некои од најголемите ѕвезди на рокенролот: Џенис Џоплин, Џим Морисон, Џими Хендрикс, Елвис Присли, Курт Кобејн, Сид Вишис, Мајкал Џексон, Ејми Вајнхаус, Витни Хјустон и многу други. Покрај оваа опомена, песната нуди вокални хармонии на хардрок-гитари и стихови. Тоа е еден вид „мексиканско реге“ за калифорниската сага што ја допира безмалку целата млада генерација од тоа време. А токму таа млада генерација од 1970-тите години, „Иглс“ ја освои со музика што беше комбинација на рокенрол, кантри и фолк, музички микс на кој музичките виртуози од Калифорнија дозирано му додаваа нежни акорди на блуз-рок и тактови и темпо на фанк. За мене и денес „Hotel California“ е песна со фантастично наснимани гитари и вокали, каде што Хенли со својот висок и рапав глас е водечки вокал, а Фелдер и Волш го изведуваат најјакиот дует на гитари кога било изведен во некоја рокенрол-песна. Иако можеби другите песни на групата некако како да беа во сенка на овој мегахит, јас мислам дека баладата „Desperado“, а особено хитот „New Kid in Towen“ се еднакво квалитетни и добри како и песната „Hotel California“.
(Извадок од книгата во печатење „Обожавани музички икони“, заеднички проект на Сотир Костов, автор на текстот, и Александар Станковски, автор на портретите во комбинирана техника и колаж на музичките ѕвезди)