Класична воена закана на подолг рок за Македонија и за нејзиното непосредно опкружување не се очекувана, но затоа невоените закани не само што ја модифицираат својата форма, туку се адаптираат на современото живеење, станаа разновидни и се зголемија, по интензитет, простор и време. Ова е заклучок од вчерашната конференција „Безбедноста од аспект на внатрешните актуелни состојби и глобалните асиметрични закани“, организирана од Клубот на генерали, Дипломатскиот клуб на Македонија, Балкански форум за безбедност и Здружението на ветерани и резервисти од одбраната и безбедноста.
Експертите разменија мислења за новите димензии на воените закани во контекст на глобалните предизвици, со особен осврт врз факторите што влијаат или можат да предизвикаат закани врз безбедноста на земјата.
Тие заклучија дека само со добра стратегија можат да се решат сите проблеми, за што државата треба да има соодветна безбедносна политика, заснована на детална анализа на ризиците и опасностите. Учесниците, притоа, напоменаа дека во тој контекст е мошне важно членството на Македонија во различни меѓународни организации, пред сѐ во НАТО и во ЕУ.
Благоја Марковски, претседател на Балканскиот форум за безбедност, истакна дека конференцијата се случува во исклучително важен период за земјата, на внатрешен и на надворешен план. На внатрешен план, додаде тој, по еден подолг период се почнати процеси на демократизација на општеството. На надворешен план почнат е процес за реализација на меѓународните односи на земјата, со развој на добрососедските односи, прво со Република Бугарија, како и со преговорите за името со Грција, со што ќе се отворат патиштата до посакуваната цел, членство во ЕУ и во НАТО.
Но од надворешен аспект на влијанија, како што рече, се појавија нови нетрадиционални ризици и асиметрични закани. Тука, тој ги наведе меѓународниот тероризам, организираниот криминал, етничките и религиозни контроверзии, илегалното ширење оружје и технологии за негово производство, бегалски и миграциски проблеми, закани за информациските системи, трговијата со дрога и со луѓе.
На присутните им се обрати министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој напомена дека развојот на безбедносниот сегмент, како во однос на неговата системска поставеност, така и во поглед на безбедносните предизвици, е правопропорционален со интензитетот и динамиката на општествениот и цивилизацискиот развој.
– Настаните и собитијата денес на почетокот на 21 век во оваа ера на т.н. глобализам, не само што потврдуваат „динамична меѓузависност“ на предизвиците и одговорите кон нив, туку бараат континуирано следење и наоѓање нови концепти во сферата на внатрешната, регионалната и колективната безбедност. Дотолку повеќе што е очигледно дека светот денес повторно се наоѓа пред нова глобална и крајно сериозна геополитичка крстосница, со сите евидентни економски, социјални, културни, цивилизациски и конечно безбедносни импликации – рече Спасовски.
И деканот на Факултетот за безбедност, Никола Дујовски, изрази очекување дека наскоро ќе има посериозен напредок во однос на интегрирањето на Македонија во НАТО.
Безбедноста во Македонија е на стабилно ниво, а предностите со членството, како што појасни, пред сѐ, се однесуваат на владеењето на правото, борбата против организираниот криминал, корупцијата, а најмногу на можноста за економски напредок.
– Ако имаме здраво јавно обвинителство, здрави процедури во МВР и во судовите, нема да имаме проблем со тоа. Во западниот свет корупцијата е на пониско ниво затоа што таму институциите навремено реагираат, имаат изградено механизми за рано предупредување – објасни тој. П.Р.