Значајно е тоа што нивото на езерото цело време беше константно, што е еден од
основните предуслови за успешен мрест на крапот

Викендов заврши мрестот на крапот на Осломејско Езеро, а со тоа и ловостојот на оваа акумулација. За периодот од 40 дена, колку што траеше мрестот на крапската риба, во оваа акумулација, единствено можеше да се лови друг вид риба. Значајно е тоа што нивото на езерото цело време беше константно, што е еден од основните предуслови за успешен мрест на крапот.

– Деновиве заврши мрестот на крапот на Осломејско Езеро, со тоа и забраната за спортски риболов на крапска риба. Константното ниво на езерските води, богати со планктон и алги и, секако, ловостојот, придонесоа да има успешен мрест и наскоро очекуваме езерото да биде уште побогато со овој вид слатководна риба. Од викендов може да се одвива спортскиот риболов на езерото, а тоа значи да се лови по принципот фати-пушти, и ако сте вистински спортски риболовец, тогаш уловената крапска риба треба да ја вратите повторно во езерото. За другите видови риба, како на пример карашот, овие забрани не важат – велат Мире Ночески и Бесмир Елези, спортски риболовци и едни од најактивните членови на Здружението на спортски риболовци од Кичево.

Покрај одвивањето на мрестот, во исто време на езерските брегови никна и првата рибарска куќичка. Покрај овој објект, спортските риболовци планираат да изградат барем уште четири рибарски куќички на крајезерскиот брег.

– За да се подобрат условите за престој покрај самото езеро и за рибарење во дождливи услови, одлучивме со сопствен ангажман и средства да ја изградиме првата рибарска куќичка. За изградбата на оваа куќичка обезбедивме материјали од штици, греди и ќерамиди и за кратко време објектот беше целосно завршен и им стои на располагање на сите оние што ќе го посетат езерото или ќе рибарат во неговите води. Се надеваме дека и други ентузијасти и љубители на спортскиот риболов ќе ѝ се придружат на оваа акција и ќе изградат уште некоја рибарска куќичка – истакнаа донаторите на оваа куќичка, од семејството Димоски од селото Премка. З.А.


Кои штети ги прави дивечот и како да се спречи тоа

Ловџиите, сопствениците и корисниците на одредени земјишта, шуми, насади и води во непосредната близина на ловиштата, се вклучени и во спроведувањето на мерките за спречување на евентуалните штети што може да се појават

Ловџиите, сопствениците и корисниците на одредени земјишта, шуми, насади и води во непосредната близина на ловиштата, се вклучени и во спроведувањето на мерките за спречување на евентуалните штети што може да се појават врз нив. Притоа сопственикот редовно ја контролира состојбата на својот имот, организира неговата заштита и чување, односно се труди да го спречи движењето на дивечот низ тоа земјиште преку подигнување огради и слично, користејќи притоа механичка, физичка заштита (звучни и видливи страшила), но и хемиски средства, кои ќе го одвратуваат дивечот од посевите или ќе придонесат да се намалат евентуалните штети. Понатаму може да се користат и други мерки, како преместување на посевите, врзување ловџиски кучиња и слично.

А штетите што ги прави дивечот, секако, не се за потценување. Така, на пример, мечките прават штети над растителниот свет, но цел се и домашните животни. Од растителниот свет најмногу се однесува на земјоделските производи, овоштарниците и сандаците со пчели. Кога се гладни тие напаѓаат срни и елени, а потоа и овци, коњи, кои обично осамени пасат трева. Но во време на најголемиот глад, на удар се дури и луѓето.
Волкот прави голема штета над дивите и домашните животни, а тука пред сѐ се мисли на овчарските, но и на кучињата бездомници. Секако беснилото е еден од најголемите проблеми што може да ги направи лисицата, затоа ловџијата треба да биде многу внимателен при евентуалниот контакт. Лисицата, пак, прави големи штети кај домашните животни, но и кај подмладокот на ситната стока. Г.И.