Времето станува сѐ поладно, но затоа изборот на храна е сѐ поголем. Овие одлични суперхрани полека ќе станат дел од вашата есенска трпеза.

Јаболка
Слатки или кисели, јаболката се одлични во секоја форма, независно дали ќе ги консумирате за ужина или, пак, ќе ги потпечете за вечера. Содржат многу витамини но и антиоксиданти, а се одлични за овој период од годината кога вирусите стануваат сѐ почести.
*Јаболкото е полно со антиоксиданти
*Содржи четири грама диететски влакна

Прокељ
Прокељот е зеленчук што е богат со витамин К и со фолна киселина, па, така, е одличен за трудниците, кои освен што во бременоста имаат потреба од фолна киселина, често се борат и со слабокрвност, а прокељот е богат со железо.

Пашканат
Одличен е за топлите супи, кои сега почесто се приготвуваат. Богат е со калиум и е одличен извор на растителни влакна.

Круши
Едно од највкусните овошја на есента е крушата. Дека е одлична и здрава говори и фактот што е еден од првите вкусови што се воведува кај бебињата. Богата е со витамин Ц, па со тоа е одлична во борбата со вирусите и настинките. Една круша со просечна големина содржи четири грама растителни влакна.

Цвекло
Цвеклото е една од суперхраните за борба со слабокрвноста. Во комбинација со коприва, морков и лимон, може да помогнат во зајакнување на хемоглобинот и на железото. Исто така, е богат извор на растителни влакна и на витамин Ц.

Карфиол
Постарите генерации го консумираат само во туршија. Но помладите веќе успешно го имплементираат во секојдневната исхрана, дури и кај малите бебиња. Карфиолот успешно се бори со лошиот ЛДЛ-холестерол, има состојки што се борат со канцерот и е одличен извор на витамин Ц.

Тиква
Таа е кралица на трпезата во студените денови. Дали ќе ја консумирате потпечена или како пире, тиквата е одлична за крвта, но и за дигестија. Богата е со калиум, а задоволува 20 проценти од дневната препорачана доза на растителни влакна. Исто така е богата со витамин Б.

Сладок компир – батат
Последните години бататот е сѐ поприсутен на трпезата, посебно е зачестен на менито кај децата што одбиваат да консумираат зеленчукови комбинации на храна. Со неговиот благ вкус, освен што го подобрува вкусот на јадењето, компирот го зголемува количеството на витамин А, а помага и во покачување на железото во крвта. Исто така, слаткиот компир е одличен во борбата со воспаленијата.

Калинка
Зрнесто овошје преполно со антиоксиданти. Одлично е за крвта и во борбата со настинките. Богато е со витамин Ц и со фолна киселина.

Урми
Иако благи, урмите се одлично овошје за луѓето што се борат со вишокот килограми. Имаат мал број калории, богати се со растителни влакна и се одличен извор на калиум.

Киви
Кивито е киселкасто овошје, кое има повеќе витамин Ц отколку портокалот, па со самото тоа е одлично за секојдневна употреба во овој период од годината кога владеат вируси и настинки.

Грејпфрут
Со задоволување на повеќе од 75 проценти од препорачаната дневна доза на витамин Ц, грејпфрутот е едно од суперовошјата од овој период од годината. Содржи и пектин, кој успешно го намалува лошиот холестерол.

[email protected]