Поделбите меѓу Германија и Полска во однос на Русија сигнализираат подлабоки поделби во Алијансата, што ја загрозува европската безбедност

Пјотр Бурас

Владимир Путин повторно му се заканува на Западот. Во своето неодамнешно обраќање до нацијата, тој предупреди дека Русија ќе биде принудена да создава и распоредува нови видови оружје, што може да се користи не само против Европа туку и против САД. Ѕвечкањето со оружјето не е нова тактика на Путин, иако неговиот говор личи на проглас за нова трка за вооружување. Тоа е одговорот на Русија на повлекувањето на САД од Договорот за нуклеарно оружје со среден дострел (ИНФ) од 1987 година. Ризикот од опасна ескалација е реален. Актуелните политички (а не воени) последици може да бидат катастрофални за интересите на Европа. Две најпогодени земји од оваа криза се Германија и Полска, но тие тешко се соочуваат со предизвиците. Русија може да биде единствениот победник од нивниот неуспех.

Американската одлука за откажување од ИНФ не изненадува. Стратегијата на САД да го сторат тоа без заеднички план со сојузниците од НАТО, говори многу за промената во пристапот на Вашингтон кон некогаш цврстиот поим за „колективна безбедност“ со Европа. Јасни се доказите колку малку Доналд Трамп се грижи за единството на Европа, и тоа во време кога е соочено со многу надворешни предизвици. Европските сојузници на Америка дадоа поддршка за нејзината одлука за суспендирање на договорот, но тие немаат поим како да ја одржат безбедноста додека САД и Русија играат ракетни игри. На ова прашање одговор немаат ниту Германија и Полска, иако токму во овој момент е потребен заеднички пристап за да се обликува одговорот на НАТО.

Германија сѐ уште е трауматизирана од дебатата за ново вооружување од 1980-тите, кога распоредувањето американските ракети доведе до масовни протести и создавање моќно пацифистичко движење. Секој одговор на руското прекршување на ИНФ, кој вклучува распоредување американски ракети на европска територија (во Германија или во Полска), се смета за големо табу од германската политичка класа и општество. Германскиот министер за надворешни работи, Хеико Маас, нагласи дека ново вооружување не е одговор, што повеќе се однесува на домашната публика, а стратегиски е бесмислено, иако самиот Маас сугерира оти крајната цел треба да биде нов мултилатерален договор за контрола на оружјето. Но шансите за нов договор се никакви, бидејќи ниту САД ниту Русија не се заинтересирани за нова спогодба.

Во меѓувреме, националистичко-популистичката влада на Полска јасно покажа дека за руското прекршување на договорот не ѝ се потребни нови дипломатски убедувања. Варшава е фиксирана на билатерално стратегиско партнерство со САД, кое вклучува и постојана воена база (т.н. Форт Трамп), договори за оружје и соработка за разни меѓународни прашања. Полскиот министер за надворешни работи, Јацек Чапутович, неодамна ја разбранува јавноста со изјавата за германски „Шпигел“ дека поддржува распоредување американски ракети во Европа. Министерството брзо го коригира, нагласувајќи оти тој зборувал за присуството на американското нуклеарно оружје во Европа, а не за нови ракети. Сепак, Варшава сигурно веднаш би ги примила, а Берлин бурно би реагирал.

Путин е свесен за сите тензии и сака да ги искористи. Пример за тоа е американскиот ракетен штит, кој би требало да ги брани САД од Иран. Негови елементи се распоредуваат во Полска и треба да бидат функционални до 2020 година. Путин во говорот повтори дека системот го прекршува ИНФ и е закана за Русија. Овој аргумент е убедлив за многумина, меѓу кои и Германија. Во европската дебата често се тврди дека откажувањето од ракетниот штит ќе ја врати Русија во системот за контролата на оружјето. Но ова е уште една внатреевропска пресметка, бидејќи Полска смета дека ракетниот штит на нејзина територија е клучен за нејзиното безбедносно партнерство со САД.

Сето ова е опасно за НАТО и за политичкото единство на Европа. Главната закана за безбедноста на Европа не се руските бомби, туку натамошната дезинтеграција на Западот. Токму тоа сака да го постигне Путин. Неговите потези се дел од хибридната војна, која предизвикува политички конфликт во Европа. Жртви се Европејците, кои се вртат еден против друг. Наивно е да се верува дека Европа може да избира само меѓу одново да се вооружува или да не прави ништо. НАТО може да најде начини да одговори воено или дипломатски, преку иницијатива за контрола на оружјето. Но уште поважно од суштината на реакцијата на НАТО е нејзиниот заеднички пристап.
ИНФ беше основа на европската безбедност. Договорот беше многу повеќе од симболичен израз на стратегиската врска меѓу Европа и САД. Со ИНФ, кој беше потпишан од Роналд Реган и Михаил Горбачов, се забрани распоредување ракети од среден дострел (500 – 5.500 километри) во Европа. Тие претставуваа голем ризик за европските метрополи и закана за европската безбедност. Договорот ја отстрани опасноста од регионална нуклеарна војна во Европа, а сега САД се откажуваат од него. Последиците од тоа се сериозни за Европа. Земјите во Централна и Источна Европа се загрижени дека Русија ќе го искористи колапсот на системот за контрола на оружјето за да ја зајакне својата нуклеарна позиција на источните граници на НАТО. Актуелната рамнотежа меѓу конвенционални и нуклеарни сили на НАТО и на Русија веќе во голема мера е на страната на Москва. Во Европа се распоредени само 180 тактички нуклеарки на САД (од кои 20 во Германија), а Русија има најмалку десет пати повеќе.

Нема лесни решенија за излез од кризата. Во Европа во скоро време нема да се распоредуваат нови американски проектили со среден дострел, а нема ни да се потпише нов договор за контрола на оружјето. Исто така, „европеизацијата“ на францускиот нуклеарен арсенал, која често се предлага како решение, на крајот ќе се покаже како голема илузија. Европејците ги очекуваат уште понестабилни и поопасни времиња, а најлошо е ако тргнат поделени да се справуваат со нив. Колку и да се зборува за јазот меѓу САД и ЕУ, не смеат да се игнорираат новите поделби во Европа, како оние меѓу Германија и Полска.


САД се повлекоа од ИНФ поради Кина?

Русија изминатите години го прекршуваше Договорот за нуклеарно оружје со среден дострел (ИНФ), развивајќи ракети што беа забранети со него. Но причината поради која САД се повлекуваат од ИНФ не е поврзана со Русија, туку со Кина, иако таа не е потписничка на договорот. Пекинг го зголемува арсеналот на проектили со среден дострел, што ја загрозува рамнотежата на моќта во Пацификот. САД сакаат да можат слободно да се спротивстават на јакнењето на воената моќ на Кина, а ИНФ досега само им ги врзуваше рацете.