Лидерите на ЕУ се договорија Урсула фон дер Лејен да биде новиот претседател на Европската комисија (ЕК). Ако нејзината номинација биде потврдена во Европскиот парламент, таа ќе биде првата жена што ќе ја извршува оваа клучна функција во ЕУ. Европските лидери претходно не можеа да се договорат околу најважните позиции во ЕУ откако беа отфрлени водечките кандидати на најголемите партии во Европскиот парламент по мајските избори. На крајот, челниците на ЕУ се согласија Фон дер Лејен да биде новата шефица на Европската комисија, што се оценува како изненадувачки потег.
Нејзината номинација предизвика пофалби, но и критики. Таа се смета за победа на германската канцеларка Ангела Меркел, бидејќи Германија првпат по 1958 година ќе добие свој човек на важната функција во ЕУ, па уште и од партијата на Меркел, Демохристијанската унија. Во тоа многу помогна и францускиот претседател Емануел Макрон. За критичарите, номинацијата на Фон дер Лејен е лоша за Европскиот парламент, бидејќи изборот не бил направен меѓу кандидатите што ја трчаа трката на европските избори туку на крајот лидерите на ЕУ сами си избраа свој претендент.
На графиконот се прикажани сите досегашни претседатели на комисијата, како и земјите и партиите со најмногу шефови на извршното тело на ЕУ.