Светските музеи („МоМА“, „Уфици“, „Витни“) ја приближуваат уметноста до слепите и слабовидните луѓе преку т.н. „допирни“ обиколки во кои посетителите во приватна тура и со помош на музејски водич одредени експонати можат да ги истражат со допир. И кај нас се прават првите чекори во таа насока
„Уметност достапна на сите“ е мотото на сѐ поголем број светски музеи што нудат програми приспособени на слепи и на слабовидни луѓе, а меѓу нив се „допирни“ обиколки во кои посетителите во приватна тура и со помош на музејски водич одредени експонати можат да ги истражат со допир. Еден од музеите што го нудат тоа е „Уфици“ во Фиренца, кој иницијативата „Уфици со допир“ ја почна во 2009 година.
Посетителите не треба однапред да ја резервираат обиколката, туку може да ја договорат на рецепција по самото доаѓање во музејот. Потоа добиваат заштитни ракавици и со водич ги обиколуваат одбраните 20 антички скулптури што може слободно да се допираат и на тој начин да се откриваат.
Слични програми се достапни во музеите во дел од светот.
Њујоршкиот „Музеј на модерна уметност“ (МоМА), на пример, покрај постојаните „допирни“ обиколки нуди и месечна програма „Арт инСајт“, за која е потребна резервација, а која на слепите и слабовидните луѓе им овозможува контакт со многубројни оригинални дела, пред сѐ со бронзените скулптури на уметници како Пикасо, Матис и Роден.
– Со години учествувам во програмата „Арт инСајт“ и кога првпат добив можност да допрам скулптура го направив тоа срамежливо. Не можев да верувам дека тоа навистина ми е дозволено, прво само малку ја допрев, а потоа ме охрабрија дека можам слободно да ја истражувам – вели една од учесничките на програмата на „МоМА“.
Во рамките на ваквите програми, покрај посетителите и водичите се задолжени за дескрипција на уметничките дела. Тие се тренирани стручњаци што ја опишуваат скулптурата дел по дел, до најситните детали и кои, всушност, нудат целосна слика за делото – сликата, релјефот…
Музејот на американската уметност „Витни“ во Њујорк нуди вакви 90-минутни вербални дескриптивни прошетки во време кога галеријата е затворена за преостанатата јавност. Турите се одржуваат секој месец, а посетителите смеат одредени уметнички дела и да ги допираат.
Музејот „Метрополитен“, исто така во Њујорк, нуди работилница „Замисли го ова!“, на која посетителите ги истражуваат делата со помош на детални описи, допир и други активности, но и преку бесплатната програма, „Гледање низ цртање“. Во рамките на оваа програма посетителите ја истражуваат музејската збирка и ги учат иновативните техники на цртање низ експериментирање со материјалите, вербална дескрипција и сопствен креативен одговор на уметничките дела.
Париски „Лувр“, пак, има „Допирна галерија“, во која слепите и слабовидните луѓе можат да ги истражуваат скулптурите преку нивните калапи, додека искуството на осет на делата низ музејот е обезбеден со помош на напредни технологии, како прецизни 3Д-репродукции или посебно дизајнирани ВР-ракавици.
И во Македонија се прават првите чекори за поголем пристап на слепите и слабовидни лица до културните содржини. Лани почнаа активностите во рамките на проектот за подобрување на пристапот на оваа категорија луѓе во Музејот на македонската борба, поддржан од Балканската музејска мрежа, дел од програмата на музејот за социјална инклузија „Отворени музеи“. На организираната работилница, вработените во музејот имаа можност да се запознаат со главните насоки за соодветен пристап кон слепи и слабовидни лица преку теоретски дел и преку практични вежби. За подобро запознавање со проблемот со пристапноста, но и комуникацијата со оваа категорија посетители, помогна дефектологот Емилија Георгиева, која во краткото излагање со осврна на критичните моменти кои музеите и културните институции треба да ги имаат предвид за овие посетители, додека професорката Невенка Котевска од државното училиште за слепи и слабовидни лица „Димитар Влахов“ од Скопје, низ практични примери посочи за правниот начин на пристапување и комуникација со слепите и слабовидни посетители. Искуството беше комплетирано со дружењето со учениците од училиштето „Димитар Влахов“, кои објаснија што најмногу им пречи во обидите за комуникација, каде грешиме и кој е најдобриот начин за пристап со слепите и слабовидните лица. За подобро доловување на проблемот, дел од музејските работници ставија превез и пробаа да се движат и ориентираат низ просторот на начин кој е секојдневие за овие лица. Работилницата заврши со посета во музејската поставка, во која учениците имаа можност да прошетаат, но и да допрат дел од изложените материјали и поблиску да се запознаат со поставката на Музејот на македонската борба.
Во 2017 г., слабовидните битолчани и оние со поголеми оштетувања на видот за првпат имаа можност лично да се уверат во убавините на фигурите кои со мајсторски сплет на обоени камчиња се вградени во мозаичните површини на локалитетот Хераклеја. Преку специјално изработени тактилни мапи на кои беше пренесена идентично содржината на мозаиците, слепите можеа со допир да откријат какви сѐ фигури и други украси има на мозаичните површини. Објаснувањата под мапите беа на Брајово писмо.
– Видот ни е оштетен, но имавме чувство како да ги видовме мозаиците во Хераклеја, колоритот за нас е недостапен, но со допир ги почувствуваме контурите на фигурите кои се исцртани на орнаментите – изјави член на Здружението на слепи лица од Битола.
Тактилните мапи се изготвуваат од обучени лица така што претходно компјутерски подготвените слики се ставаат во посебна машина и за кратко време контурите и деталите од сликата стануваат релјефни. Тактилните мапи беа изработени на машина што Завод и музеј од Битола ја набави во рамките на проектот „Музеј за сите, музеј за понудување“, поддржан од Балканската музејска мрежа. Вработени од институцијата посетуваат стручни обуки под водство на британски експерти за пристапноста на музеите до лицата со различни попречености.
Годинава е отворена и т.н. „Дневна соба на градот“ (програми за слепи лица и лица со оштетен вид во НУБ „Св.Климент Охридски“ во Битола). Во фокусот на интересот на библиотеката, во рамките на воведување нови библиотечни програми и проекти, се и програмите за слепи и лица со оштетен вид за кои се подготвени содржини што би можеле да предизвикаат поголема активност и нивна инклузија во општеството. Програмата предвидува литературни дружења преку читање на избрани популарни извадоци од книги по избор на самите учесници, слепи и лица со оштетен вид. Овие средби се одржуваат еднаш месечно и учесниците освен што ќе имаат можност да се релаксираат со добра книга, ќе можат и сами да учествуваат во осмислувањето на идните активности.