Во Србија околу девет илјади лица се корисници на услугите на „Банката за храна“, во која завршува неискористената храна приготвена во рестораните или е донирана од трговските фирми
Во земјите од Европската Унија годишно се фрлаат околу 100 милиони тони храна, а доколку не се преземат некои мерки, се очекува за две години овие количества да пораснат за една третина. Овие податоци се алармантни ако се има предвид дека во Европа во сиромаштија живеат 55 милиони луѓе. Најмногу храна фрлаат домаќинствата (53 отсто), преработувачите на храна (19 отсто), рестораните (12 отсто), додека земјоделскиот сектор и трговијата учествуваат со 15 отсто, покажуваат истражувањата.
Во Србија, како што пишува „Политика“, годишно на отпад завршуваат 250.000 тони храна, но оваа информација не е веродостојна, затоа што нема податоци за количествата храна што завршуваат на домашните депонии. Посочената структура за фрлањето храна по одредени субјекти е направена врз основа на податоците на Норвешка, каде што постои систем на селектирање на отпадот. По сѐ изгледа ни Србија не се разликува многу од општиот тренд за фрлањето храна, велат од Институтот за прехранбена технологија во Нови Сад.
Од почетокот на годинава во Србија функционира „Банка за храна“, која ги собира донациите во храна во вредност од милион евра, но таа не располага со поголеми капацитети, опрема и луѓе.
– Имаме многу работа, но работиме само со две лица. Капацитетите ни се ограничени, а сѐ поголем број фирми се јавуваат за да донираат храна – вели Радмила Иветиќ, претседателка на здружението „Банка за храна“.
Моментално соработуваат со два големи донатора на храна и со неколку други фирми што повремено „испорачуваат“ храна. Една трговска компанија секој месец донира повеќе од сто тони овошје и зеленчук. Околу 700 килограми замрзнато пилешко месо се преземаат од еден синџир на ресторани. Активистите со своите возила ја преземаат храната и директно им ја делат на луѓето на кои им е потребна храната. Според евиденцијата на „Банката за храна“, на овој начин секој месец околу девет илјади лица добиваат храна.
– Ова што им го даваме на луѓето е капка во морето во однос на вистинските потреби. Би соработувале и со други трговци доколку успееме да ги прошириме капацитетите. Проблемот со фрлањето на храната во Србија е многу поизразен. Ние успеваме да спасиме околу 150 тони овошје и зеленчук. Доколку би се вклучиле и други трговски куќи, би собирале минимум илјада тони храна месечно – вели Иветиќ.
Досегашната практика во земјите од ЕУ покажува дека една петтина од произведената храна се фрла или не се користи, што е финансиска штета од 143 милијарди евра годишно. Затоа во Европската Унија планираат до 2030 година да се намали фрлањето храна за 50 отсто, а за тоа е потребно да се изменат многу прописи. Оваа проблематика во европската заедница е регулирана со 52 прописа.
Европската комисија, во почетокот на годинава, објави дека големо влијание на фрлањето прекумерно количество храна имаат ознаките за рокот на траењето на прехранбените производи. Се проценува дека десет отсто од продуктите завршуваат на депониите поради тоа што на потрошувачите не им се јасни ознаките за трајноста што се истакнати на производите. Половина од граѓаните на земјите-членки на ЕУ знаат да направат разлика „употребливо до“ и „најдобро е да се употреби до“ – ознаки што се пропишани во европското законодавство. Иако според втората ознака храната може да биде добра за јадење уште неколку дена, недели и месеци, таа масовно се фрла на денот на истекот на посочениот датум на пакувањето. „Најдобро е да се употреби до“ значи дека производителот тврди дека до тој ден производот е најквалитетен и ги задржува оптималните хранливи состојки и боја.