Декоративните ѕидни облоги се вистински хит во декорирањето на ентериерот. Спектарот на материјали и тематски решенија е разновиден, од фототапети до вештачки површини, кои го обогатуваат и му даваат акцент на животниот простор.
Ентериерот е комплексна целина во секој дел. Било да е подна, ѕидна или покривна површина, осветлување и мебел, сите еднакво учествуваат во создавањето на крајната атмосфера. Но за просторот да добие вистинска вредност, потребно е да креирате правилни соодноси во нагласувањето одредени зони и делови. На тој начин станот ќе стане хармоничен, а не хаотичен.
Овој пат трендовите ставија акцент на декоративните ѕидни површини, кои со својата вертикална позиција и површина се многу доминантни во просторот.
Доколку се одлучите да го следите овој тренд, подните и таванските површини треба да ги подредите во нивни сооднос, било да е стилски (совпаѓање или контраст) или колоритно.
Декоративните ѕидни површини можете да ги вклопувате во секој дел од домот. Ако во дневната соба одберете еден вид ѕидна декорација, на пр. од природен материјал, во спалната соба или во детската можете да одберете сосема различна, на пр. од вештачки материјали или фототапет. Изборот на типот на декоративниот ѕид за разделени простории може да биде различен, но доколку станува збор за поврзани простории (дневна, кујна и трпезарија), морате да внимавате да бидат во хармонија.
Нагласувањето на два ѕида во поврзани простории најлесно се изведува со избор на ист тип ѕидна облога, но „храбрите“ можат да си поиграат и со различни материјали и видови. Ваквите комбинации можат да бидат многу ефективни, но најдобро е пред изборот на материјалот и релјефот да се консултирате со стручни лица за уредување на ентериерот. Во спротивно, целата приказна околу уредувањето на просторот може да стане пренагласена, бидејќи ѕидот мора да биде во согласност со мебелот, подната облога, осветлувањето и декоративните предмети.
За сите оние што сакаат ѕидни облоги од природни материјали, како дрво, камен или тули, а немаат можност да ги стават на своите ѕидови, од практични или финансиски причини, трендовско решение се фототапетите со реалистичен приказ на овие материјали. Но дизајнерите препорачуваат да не се користат во куќи или викендички на море или планина или каде било во природа, бидејќи конечниот ефект е многу лош. Фототапетите комбинирајте ги со модерен, практичен или минималистички мебел, а не ги комбинирајте со мебел од полно дрво или природни фурнири, бидејќи таквиот мебел оди во комбинација со ѕидни облоги од природни материјали (дрво, камен или тула).
Ѕидните фототапети со апстрактни и реалистични приказни се идеални за декорација во детските соби. Таквиот ѕид ќе ѝ даде дополнителна динамика на детската соба, но тука е важно мотивите и бојата да бидат во согласност со полот, сензибилноста и карактерот на детето. Пожелно е да се нагласи ѕидот на кој е поставена работната маса, а добар ефект ќе се постигне ако поставите тапет и на некој од другите ѕидови.
Декоративните ѕидови од природен материјал се најголем хит и најприменувани. Доколку сакате да ја почувствувате топлината на дрвото во просторот, можете да посегнете по класичното и едноставното, како вертикален бродски под. Меѓутоа, трендовите нудат многу повозбудливи и посложени начини на декорација, како на пр. надолжно сечени кори од трупци, кои даваат фантастичен ефект на ѕидот, а доста чест избор се и ѕидните облоги со релјеф на тула или камени плочки.