Втора награда на Конкурсот за краток расказ на „Нова Македонија“
Ѕвездан Георгиевски
Есента е чудно време. Некои работи се сушат, а некои созреваат.
Седам на покривот на шупата во дворот на дедо Митре, со последната ќерамида в рака, и гледам во небото, кое обилно ги истура сите бои на виножитото врз мојата глава. Се смеам наглас и викам:
– Дедо Митре, успеавме.
А тој, подзамижан и насмеан, спокојно седи на својата влажна фотелја што му ја довлечкав во дворот.
Дедо Митре не ми е дедо. Тој е татко, стар татко, на мојот пријател Мирко, кој почина пред некоја година од една од оние неизговорливи болести. Не знам зошто, но почувствував должност да му се најдам на овој старец, кој кратко време пред да го загуби синот единец остана и без жена си. Одев кај него во викендичката во Добар Дол, каде што се повлече насамо да самува и да тагува, барем два или трипати неделно. Му носев храна, брашно, му ги плаќав сметките, му купував лекови, просо за кокошките… Понекогаш, иако ретко, му ги земав алиштата, Ема да му ги испере. Му готвев ручек за два-три дена, носев храна за кучето, а некогаш ќе однесев и пиво да се напиеме. Со еден збор, го посвоив. Кога не бев кај него, редовно му се јавував на телефон. И секогаш, ама баш секогаш бев воодушевен од неговата бодрост. Добро, го поседуваше оној непријатен мирис што со себе го носат возрасните луѓе што не се негуваат, ама тоа не ми пречеше.
И кога ми се јави тоа сабајле, немав поим дека ќе завршам на покривот на неговата шупа, која сега служеше како кокошарник. Рече само: „Дојди. Важно е.“
– Не можам. Имам работа.
– Немаш. Ова е најважна работа – и го спушти телефонот.
Отидов попладнето. Некаде околу 15 часот. Однесов џимиринки, пиво, банани и кафе. Не ги ни погледна.
– Треба да го растуриш покривот на шупата – рече отсечно.
– Како мислиш да го растурам?
– Ќе почнеш од горниот ред, па надолу.
– Како мислиш од горниот ред, па надолу?
– Вака, оној најгорниот ред е горен ред, а овие под него се надолу.
Инаку, покривот на шупата е на една вода, што би се рекло. Односно накосен само на една страна. И стар е. Многу е стар. Можеби е постар и од дедо Митре. Кога дедо Митре ја купи земјата во Добар Дол, шупата веќе беше изградена, а и тогаш не изгледаше дека е тазе градена. Уште тогаш, има можеби 40, можеби повеќе години, прокиснуваше. Додуша, само при силни дождови и само ги влажеше ѕидовите. Но, како што поминуваше времето, водата во шупата почна да тече и при многу послаби дождови. На крајот, додека уште Мирко и мајка му, тетка Стана, одеа по оваа земја, чиниш дека небото требаше само да се наоблачи, а водата во шупата да тече во слапови. И никој не се грижеше за тоа. Велам, шупата беше стара и не служеше за ништо. Дури ни алати не се ставаа во неа. Никој не донесе леѓен или кофа или што да е за да ја собира водата. Никому, па ни на дедо Митре, не му беше гајле.
– Ми се смачи од онаа вода внатре, а и кокошките се гревота – вели дедо Митре.
– Слушај, Митре – го викам по име, само кога сум сериозен. – Ќе врне дожд, ќе накиснеме….
– Нема! – резолутен е дедо Митре.
– Остај ти таа работа. Шпоните и гредите се изгниени.
– Не се!
– Е, како не се, кога толку вода ги полеала?
– Не се!
– А да ги прередиме ќерамидите каде што прокиснува?
– Извади ги, бре, проклетите ќерамиди!
– Ама немаш нови за да ги замениш – го вадам јас последниот аргумент.
– Имам! – тврдоглав е дедо Митре, токму онака како што се тврдоглават возрасните луѓе.
– Извади ми ја фотелјата надвор, крај шупата. Фрлај ги ќерамидите околу мене, а јас ќе ги собирам и редам.
Ете го сега дедо Митре како седи на својата омилена фотелја во дворот и ме гледа. Јас горе на покривот едвај ја вадев третата ќерамида, кога првите капки дожд ме удрија по главата.
– Врне, дедо Митре!
– Не врне! Вади ќерамидите.
На петтиот од 13-те реда ќерамиди веќе убаво зароси. А дедо Митре како да не чувствува. На секои пет фрлени ќерамиди, станува од фотелјата и уредно ги подредува. Веќе на вадењето на претпоследниот ред од покривот на шупата, мракот беше паднат, небото преполно облаци, а Господ реши токму врз Добар Дол да истури барем два океана вода. Бев жива вода, ама што можев. Дедо Митре беше во прашање. А тој, како прч, само ги подредува ќерамидите. Откога завршивме, му велам:
– А, сега? Жива вода сум. Ќе настинам, а ти, богами, гадно ќе се разболиш.
– Ништо не ти е. Не си од шеќер да се истопиш. Ако ти требаат алишта, ене ти од Мирко во шифоњерот.
Се греам на топлата печка. Го соблекувам од мене она што е пристојно да се соблече. Се бришам со некоја крпа што ја најдов во викендичката и, иако мокар, облекувам панталони, кошула и џемпер од Мирко.
– Барем кафе да свареше – зајадлив сум, бидејќи варењето кафе кај дедо Митре главно е моја работа.
– Ќе пиеш кафе кога ќе завршиме работа.
Од мене извираат милиони прашалници.
– Оди сега, нареди ги ќерамидите!
– Како мислиш да одам и да ги наредам ќерамидите?
– Ќе почнеш од најдолниот ред и ќе одиш нагоре.
– Човече, надвор истура, јас сум уште мокар, а половина од ќерамидите се искршени – сега сум навистина лут.
– Оди, бре, нареди ги ќерамидите.
Излегувам во дворот. Добро, дождот како да подзапре, ама уште врне. И невтасан до шупата, го гледам дедо Митре како седи на својата мокра фотелја и не ми е јасно како успеа да втаса пред мене. Се ѕверам во него, мислејќи дека ми се привидува, бидејќи во дворот е веќе црна темнина. А тој помирливо ми вели:
– Гајле да немаш. И онака сѐ е исто.
Ставив десетина ќерамиди врз шпоните и гредите и почнав да ги редам. Има 13 реда, три се по 20 ќерамиди, десет се по 30 ќерамиди, вкупно 360 ќерамиди. Тоа значи барем 36 пати да се качувам и симнувам од покривот. Тамам да ме зазори.
Веднаш штом почнав да ги редам ќерамидите, престана да врне, ама беше црн мрак. Кога бев кај третата ќерамида, облаците почнаа да се чистат и можеше да се види понекоја ѕвезда. Кога ставив пет-шест ќерамиди и веќе се подготвував да се симнувам од покривот, на мое големо изненадување забележав дека до мене има веќе ставено десетина ќерамиди. „Сигурно дедо Митре ми ги довлечкал“, мислам.
Кога го завршив првиот ред, небото веќе беше полно со ѕвезди. На третиот беше преполно. И почна да ја менува бојата. Првин стана виолетово, па зелено, па црвено, па жолто… Веќе на петтиот ред беше целосно бело. Како да е ден преполн со ѕвезди. Одвреме-навреме ќе го погледнев дедо Митре, а тој од својата фотелја само ќе промрмореше:
– Ајде, ајде…
Не знам на кој ред почнаа ѕвездите да паѓаат врз мојата глава. Првин срамежливо, а потоа во слапови. Токму како што паѓаше дождот предмалку. И почнаа да ги менуваат боите. Во сите бои на виножитото. Како некаков лајтшоу-огномет.
– Дедо Митре, сепак, која е смислата на ова? Зошто морав да го растурам покривот и пак да ги прередувам ќерамидите?
– Сине, редно е и ти да покриеш куќа. Јас сега ќе заминам, па сакав да видам дека и ти си покрил куќа.
А ѕвездите прават експлозии над мојата глава.
– И кога ќе стигнеш до последната ќерамида, да запееш на цел глас: „Слушнете сите ваму, Ѕвездан стави чатија, Ѕвездан стави чатија…“
И еве ме мене, со последната ќерамида во раката, како викам на цел глас: „Ѕвездан стави чатија, Ѕвездан стави чатија…“ И не се чувствувам глупаво, како што мислев. Напротив. Небото обилно ги истура сите бои на виножитото врз мојата глава. Се смеам наглас.
– Дедо Митре, успеавме.
А тој седи на својата мокра фотелја, подзамижен и насмеан. Како божем да е жив.
Есента е чудно време. Некои луѓе се сушат, а некои созреваат.