Економските аналитичари имаат спротивставени размислувања во однос на најавеното намалување на даноците. Некои од нив потврдуваат дека тие се за полесно да се преброди кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, додека други велат дека намалувањето на даноците не е лек за кризни состојби
Намалување на некои од даноците, како и целосно ослободување од обврската за нивно плаќање во одредени случаи, е една од најавите наведени во економскиот дел од владината програма, според која, Владата притоа не се откажува ниту од определбата за воведувањето прогресивно оданочување преку, како што е истакнато, инклузивен процес на разговори и креирање консензус за негово воведување. По ова се наметнуваат прашањата дали пониските даноци може да ја зголемат вработеноста и да ја намалат сивата економија или овој ефект е веќе исцрпен, дали намалените даночни приходи ќе ја ограничат можноста земјата да ги финансира развојните цели и, конечно, дали тоа ќе донесе позитивен ефект или само ќе го оптовари буџетот?
Имено, данокот на добивка, Владата го остава на ниво од десет отсто, а предвидува ослободување од овој данок при реинвестирање на добивката во 2021 година како одговор на влијанието на ефектот од пандемијата. Персоналниот данок на доход ќе се намалува на нула отсто во 2023 година за ИТ-индустријата, и тоа скалесто, 5 отсто во 2021-та, три отсто во 2022-та и нула отсто во 2023 година.
Економските аналитичари имаат спротивставени размислувања во однос на намалувањето на даноците, дел од нив потврдува дека тие се за полесно да се преброди кризата предизвикана од ковид-19, додека други велат дека намалувањето на даноците не е лек за кризни состојби.
– Анализирајќи ги мерките за намалување на некои даноци, може да се дојде до заклучок дека тие најмногу се со цел да се олесни пребродувањето на кризата предизвикана од ковид-19, а не да се зголеми економската активност и да се овозможат нови вработувања – вели Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија.
Како што истакна тој, на почетокот на кризата тогашната техничка влада воведе одложување на некои даночни обврски, како што се аконтациите на данокот на личен доход и аконтациите на данокот на добивка, и овие мерки, според него, придонесоа за задржување на ликвидноста на компаниите што беа најмногу погодени со пандемијата. Директно намалување на стапките на данокот на додадена вредност ќе има за угостителските услуги од 18 отсто на 10 отсто и за занаетчиството од 18 отсто на 5 отсто, но ова намалување ќе стапи во сила од 1.1.2021 година.
– Сметам дека Владата беше претпазлива со намалувањето да не предизвика проблеми во собирањето на приходите во буџетот. Мерката намалување на одредени даноци треба да биде насочена кон дејности и активности што од една страна ќе значат намалување на стапките, но од друга страна ќе се зголеми прометот на стоки и услуги и ова нема да ги намали приходите во буџетот.
Затоа треба да се внимава секое евентуално намалување на некои даноци да има и позитивни ефекти на развојот на економијата. Намалувањата на некои стапки или на некои административни обврски може да влијаат позитивно и на намалување на сивата економија, па, така, одредени активности што досега се вршеле на црно да влезат во нормалните финансиски текови – објаснува Димитров.
Тој додава дека сето ова се прави за да можат компаниите да преживеат, за да можат по завршување на ковид-кризата да сметаат на одреден развој, кој ќе влијае и на развојот на целата економија.
Според неодамнешните пресметки направени од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“, изгубените приходи од намалувањето на директните даноци би достигнале 100 милиони евра од 2024 година или еден отсто од БДП, а притисокот врз јавниот долг ќе биде посилен во услови на намалување на даноците. Во пресметката се наведува дека оптовареноста на платите со социјални придонеси и данок на личен доход е важна за стимулирање на вработеноста, меѓутоа вработеноста е 4,5 пати пореспонзивна на намалувањето на придонесите споредено со намалувањето на данокот на личен доход. Доколку, пак, се намалеше персоналниот данок од 10 отсто на 8 отсто, како што истакна Владата, тогаш незначително ќе се зголемеше вработеноста од 47,3 отсто на 47,8 отсто, а намалувањето на придонесите во ист износ, ја зголемува вработеноста на 49,5 отсто.
– Младинската вработеност речиси не реагира на промената на личен доход. Ако персоналниот данок се елиминира, младинската вработеност незначително ќе порасне од 20,7 отсто на помалку од 21,3 отсто. На почетокот на својата кариера, младите почесто добиваат плати кај кои постојаното даночно ослободување игра важна улога, ослабувајќи секаков ефект од понатамошното намалување на данокот – велат од „Фајненс тинк“
Според економскиот аналитичар Здравко Савески, намалувањето на даноците не е лек за секој проблем и вели дека на една земја во криза ѝ треба организирано дејствување за надминување на кризната ситуација.
– Ефективно дејствување не може да има ако се намалува финансиската моќ на државата, во тој случај тешко ќе се надомести буџетската дупка. Ние имаме екстремно богата капиталистичка класа, меѓу другото затоа што 30 години плаќа екстремно ниски даноци. Недозволиво е во услови на здравствена криза, нивното богатство дополнително да расте. Треба да се зголемат даноците што тие ги плаќаат и со дополнителниот прилив на буџетски средства треба да отвора нови работни места во јавниот сектор и да им се помогне на најзагрозените во општеството да ја пребродат полесно кризата. Во услови на економската криза, прогресивното оданочување не е политички избор, туку економска потреба – вели Савески