Анализа на експерти од САД
Според статистичките податоци, бројот на нуклеарни боеви глави од времето на Студената војна е значително намален. Меѓутоа, по излегувањето на САД од Договорот за забрана на ракети со краток и среден дострел, започнува нова трка во вооружувањето на двете најголеми нуклеарни сили, сметаат американските експерти. Според нив, вистина е дека Русија има поголем број нуклеарни боеви глави, но тоа никако не е вистински показател за нејзина доминација во однос на САД
САД официјално објавија дека излегуваат од договорот за забрана на производство и употреба на ракети со среден и краток дострел (ДРСМД). Воените аналитичари се уверени дека со овој потег ќе започне нова трка во вооружувањето, што беше една од главните карактеристики на таканаречената Студена војна.
Претседателот на Русија, Владимир Владимирович Путин, вети дека неговата земја ќе одговори на евентуалното производство и разместување на американски ракети со краток и среден дострел, како и на најавите дека САД ќе почнат развој на нова генерација ракети од класата земја-воздух, пишува гласилото „Ал хура“, а пренесува интернет-порталот inosmi.ru.
Потсетуваме дека потпишаниот договор забранува употреба на ракети со нуклеарни боеви глави што имаат дострел од 500 до 5.500 километри. САД унилатерално излегоа од овој договор со Русија, кој беше потпишан уште во времето на Студената војна по квалификациите дека „Русија не се придржува на главните одредби од овој договор“. Во овој момент американската воена индустрија се сконцентрира на развој на мобилни системи што ќе користат конвенционални типови крстосувачки и балистички ракети од класата „земја-земја“.
Статистиката покажува дека во однос на времето од Студената војна драматично е намален вкупниот број нуклеарни боеви глави во светот. Така, во 1986 година во светот имало дури 70.300 нуклеарни боеви глави, додека денес нивниот број е редуциран на 13.890 единици.
Русија се наоѓа на првото место според бројот на нуклеарни боеви глави. Во овој момент рускиот нуклеарен потенцијал се состои од 6.500 боеви глави, додека САД поседуваат 6.185 нуклеарки. Со вакви податоци располага Федерацијата на американските научници.
Далеку зад нив, на третото место, се наоѓа Франција, со околу 300 боеви глави. Потоа следуваат НР Кина со 290 нуклеарки, Велика Британија со 215, Пакистан со 150, Индија со 140, Израел со 80 и Северна Кореја со 25 нуклеарни боеви глави.
Нуклеарниот потенцијал на една земја не го вклучува само бројот на интерконтинентални балистички ракети со нуклеарни боеви глави, ами и сите гравитациски бомби опремени со ова оружје што се исфрлаат од бомбардери. Токму гравитациските бомби беа првото нуклеарно оружје што беше применето во воената историја (Хирошима и Нагасаки).
Во понатамошниот текст ќе направиме кратка споредба на атомскиот потенцијал на двете суперсили – САД и Русија.
Америка
„ЛГМ-30Г-миНутмен-3“
Станува збор за интерконтинентална балистичка ракета што може да носи нуклеарни боеви глави. Ракетата ја има развиено американската компанија „Боинг“. Вкупната маса на ракетата со боев блок достигнува 36.000 километри, а максималната брзина што ја остварува на својата траекторија е околу 23 маха. Ефективниот дострел на ракетата изнесува 13 илјади километри, а максималниот плафон на летот е 1.300 километри. Веројатно кружната грешка е околу 250 метри. Носи три боеви глави со вкупна сила од 900 кт.
„УГМ-133A трајдент-2“
Станува збор за тристепена балистичка ракета што има способност да носи нуклеарни боеви глави. Таа е наменета за лансирање од стратегиски подморници на атомски погон. Оваа ракета ја има развиено компанијата „Локид Мартин спејс системс“. Цената на една ракета изнесува околу 30 милиони американски долари. Нејзината должина изнесува 13 метри, а масата со боев блок достигнува 59 тони. Нејзиниот максимален дострел изнесува 11.300 километри. Според мислењето на голем број воени експерти, ракетата „УГМ-133A трајдент-2“ е можеби и најдоброто оружје што се наоѓа во стратегискиот арсенал на војската на САД.
„АГМ-86Б“
Станува збор за крстосувачка ракета што може да носи нуклеарно оружје. Ракетата ја има развиено американската компанија „Боинг“. Цената на една ракета од овој тип достигнува околу еден милион американски долари. Стартната маса на ракетата изнесува 1.430 килограми, а нејзината должина достигнува шест метри. Ефективниот дострел е околу 2.500 километри. Може да носи боева глава со сила од 150 кт. „АГМ-86Б“ може да се лансира од стратегискиот бомбардер „Б-52“.
Нуклеарна бомба „Б-61“
Претставува едно од основните оружја што се наоѓаат во нуклеарниот потенцијал на војската на САД. Досега се направени околу три илјади вакви бомби. Главна развојна компанија на оваа бомба е „Лос Аламос нешнл лаборатори“. Средната маса на бомбата изнесува 320 килограми, а нејзината должина изнесува четири метри. Може да носи термонуклеарна боева глава со еквивалент од 350 килограми.
Русија
„Топољ-М“
Станува збор за балистичка ракета што се наоѓа на мобилно возило или се базира во подземни силоси. Ракетата ја имаат развиено ракетните инженери на познатата корпорација МИТ. Максималниот дострел на ракетата изнесува 12 илјади километри. Оваа ракета на својот пат може да оствари брзина од 22 маха. Нејзината должина изнесува 22 метри, а стартната маса со боев блок може да достигне 47 тони. „Топољ-М“ може да биде вооружена со повеќе нуклеарни боеви глави со еквивалент од 1.000 кт. (1 мт.). Веројатната кружна грешка изнесува околу 200 метри.
„Р-36“
Претставува интерконтинентална балистичка ракета што е произведена во осумдесеттите години од минатиот век. Таа е производ на конструкторското биро „Јужное“. Овој колос од ракетата се базира во подземни ракетни силоси. Нејзината должина достигнува 32 метри, а масата со боеви блокови 209 тони. Ефективниот дострел на ракетата изнесува цели 16 илјади километри. Може да носи 10 термонуклеарни боеви глави со поединечна сила од 1.000 кт.
„9К720 искандер“
Претставува ракетен систем со среден дострел, кој има способност да носи нуклеарно оружје. Нејзиниот развој беше еден од изговорите за САД да излезат од Договорот за забрана на ракети со краток и среден дострел. Должината на оваа ракета изнесува 7 метри, а тежината е 3.800 килограми. Нејзиниот ефективен дострел се движи во распон од 50 до 500 километри. Може да носи боева глава со сила од 50 кт.
„Цар-бомбата“
Направени се само две вакви бомби. Едната беше активирана на тестирањето, додека другата и понатаму се наоѓа во вооружувањето на руската армија. Нејзината вкупна маса достигнува 27 тони, а должината е 8 метри. Силата на термонуклеарната боева глава изнесува од 60 до 100 мт.
Чии ракети се „подобри“?
Според мислењето на експертот за нуклеарно вооружување Џефри Луис, бројот на нуклеарни боеви глави по единица не е клучниот критериум во определувањето на силите помеѓу нуклеарните сили, така што изјавите на Русија за поголем број боеви глави „немаат никаква вредност во реалноста“. Во интервју за американскиот интернет-портал „Бизнис инсајдер“, Луис вели дека челните луѓе на Обединетата стратегиска команда на САД, кои се одговорни за нуклеарниот потенцијал веќе неколку децении, зборуваат за тоа дека ако треба да изберат помеѓу американското и руското нуклеарно оружје, ќе се определат за своето.
Според Луис, точно е дека американскиот нуклеарен арсенал не може да „уништи цели континенти“, но затоа е поквалитетно структуриран за да ги исполни сите стратегиски задачи што се поставени пред САД.
– Американските ракети се слични со спортските автомобили од марката „ферари“. Имаат убав дизајн и направени се да траат долги години – вели експертот.
Според Луис, Русите имаат пасија постојано да го усовршуваат своето нуклеарно оружје. Според него, тие своите модели ги модернизираат на секои десет години, дури и ако станува збор за проектили што се поквалитетни од американските.
Главната разлика на која на крајот укажува Луис е дека САД се базираат на изградба на стратегиски нуклеарен потенцијал што е разместен во стационарни ракетни силоси, додека Русите се ориентирани кон базирање на своите ракети-носачи на мобилни платформи, што, според него, е поевтин избор.
Американската нуклеарна тријада е добро позната во воената сфера. Таа е составена од сили што се опремени со три типа основни борбени платформи што носат и можат да употребат нуклеарно оружје, а тоа се: атомски подморници бомбардери и ракети во подземни силоси.
– Ние сакаме прецизност. Идеалното нуклеарно оружје според стандардите што ги практикуваат САД се состои од проектил што може нуклеарната боева глава да ја „провлече“ низ прозорско окно и да го разнесе целниот објект. Од друга страна, Русија повеќе би лансирала 10 боеви глави, кои, покрај нападнатата цел, опфаќаат и цел град. Добар показател за тоа е руската воздушна кампања во Сирија – нагласува американскиот експерт.