Податокот за дресирањето сведочи за апсурдноста и неточноста на распространетата и општоприфатена теза дека гуските се неинтелигентни животни
Гуските му припаѓаат на семејството патки. Постојат диви и питоми гуски, а одгледувањето на питомите, или како што уште се нарекуваат домашни гуски, сѐ повеќе е застапено. Најчесто гуските се одгледуваат во предели покрај река, затоа што таквите услови најмногу им одговараат. Производите како што се месо, јајца, маст или пердуви, особено се ценат на пазарот и за нив има поголема побарувачка, која во одделни случаи претставува и главен мотив некој да се одлучи да чува гуски. Првата занимливост поврзана со овие птици е дека постојат над 50 различни видови гуски, а повеќето од нив се добиени со вкрстување на два различни вида.
Основната работа што може да се воочи меѓу два различни вида гуски е бојата на нивните пердуви, но и бојата и обликот на клунот. Без разлика за кој вид станува збор, гуските, главно, се одгледуваат за да се добијат и да се искористат суровини како што се месо, јајца и пердуви. Има и ретки случаи во кои некои видови се одгледуваат и за други цели. Конкретно, т.н. штајнбашка гуска, која изворно е од Германија или тулската гуска, која потекнува и најчесто се одгледува во Русија, се одгледуваат за организирање борби со гуски. Имено, овие видови гуски подлежат на специјални дресури при што се поттикнуваат агресивноста и борбениот дух во нив. За таа цел се одржуваат и натпревари, се организира и обложување, а тоа претставува и вид заработувачка кај поединци. Некои од друштвата за заштита на животните веќе имаат преземено соодветни мерки за да се спречи и да се забрани таквото одгледување.
Меѓутоа, спротивно на крајно бизарниот мотив за нивно одгледување, постојат и други причини, како што се љубовта спрема овој вид птици или потребата за сузбивање на плевелот.
Конкретно, таканаречената кадрава гуска е вид птица што најчесто се одгледува во Макарска, Хрватска, во Украина и во Романија и тоа исклучиво од љубов спрема овој вид, односно како хоби. Кадравата гуска е специфична по тоа што нејзините пердуви се кадрави, па според тоа и така е наречена. Исто така и тулуската гуска, која потекнува од Франција, се одгледува од хоби.
Она што исто така е интересна карактеристика за гуските е тоа што тие можат многу успешно да се дресираат. Овој податок сведочи за апсурдноста и неточноста на распространетата и општоприфатена теза дека гуските се неинтелигентни животни.
Доколку некој се одлучи да се впушти во процесот за одгледување гуски, првото што треба да го стори е да се запознае со основните и најважни правила за нивно чување. Без разлика на тоа што по правило и по природа гуските главно се сметаат за отпорни животни, сепак тие бараат одредени услови за да можат правилно да се развиваат, да бидат здрави и да се размножуваат. Прв и основен услов е секако да имаат пристап до ливада, односно пасиште, затоа што нивната главна исхрана е токму пасењето. Во периодот од годината кога поради временските услови е невозможно да имаат пристап до ливада или пасиште, тогаш се користи прихрана. Таа се состои од житарки и добиточна храна. Конкретно, за една гуска дневно е потребно да се обезбедат од 250 до 300 грама мешавина од житарки и добиточна храна.
Ваквата мешавина се користи и за исхрана на гуските за време на гоењето, а целта е гуската пред колење да достигне тежина до седум килограми. Периодот на гоење може да трае околу триесетина недели. Во тој период, најдобро е вкупното количество храна да се подели на два дела и гуската да се храни наутро и навечер. Неопходно е да се обезбеди и свежа вода, а одделни одгледувачи предлагаат и обезбеден пристап до ситни каменчиња. Гуските, како и преостанатата живина, ја имаат таа особина повремено да клукаат и да голтаат ситни камчиња, кои им помагаат во олеснување на процесот на варење на храната.
Свежата вода е втор важен фактор неопходен за успешно одгледување на гуските. Треба да се проверува дали имаат доволно вода и таа редовно да се менува и да не се дозволи да се замати.
Што се однесува до советите за формирање идеален простор во кој гуските ќе можат да престојуваат помеѓу две пасења, многу е важно тој да биде покриен со натстрешница и отпорен на неповолни временски услови, како што се силен ветер, дожд, снег или мраз. Во внатрешноста е потребно да има и удобни легла.
Периодот од крајот на јануари па до крајот на февруари е време за парење. Тогаш јатата треба да се групираат, така што на еден мажјак (гусак), одат пет гуски. Секоја гуска положува од 10 до 15 јајца, а потоа лежи на нив. Во генетиката на гуските им е да се грижливи и пожртвувани родители, па така и во периодот на лежење врз јајцата, не би требало да има некои тешкотии. Гуската лежи врз јајцата 30 дена, а потоа се излегуваат младите. Како и возрасните и тие се отпорни и за нив е карактеристично тоа што многу брзо и лесно напредуваат. Само за неколку месеци гуската може да достигне тежина и до пет килограми.
Она што е потребно да се знае е дека гусаците понекогаш многу тешко се разликуваат од гуските, затоа што на изглед немаат некои јасно воочливи разлики. Гусакот е нешто покрупен од гуската и има повисок и подлабок глас.