Во изминатиот период 23 ученици од основните училишта „Лазо Трповски“ и „Лирија“ од Скопје и „Реџо Рушит-Зајази“ од селото Зајас, Кичевско, беа дел од заеднички проект по ликовно образование за изработка на графички портрети. Проектот почна во скопските училишта и заврши кон крајот на август во училиштето во селото Зајас.
– Со изработката на графички портрети, наша цел беше учениците од овие, а и од други училишта да ги запознаеме и со други уметнички правци. Овој пат ги насочуваме да работат графики или како во случајов графички портрети. Иако ние наставниците ја дадовме првичната идеја за создавање графички портрет, дојдоа до израз и ученичката инвенција и желба за творење. Покрај промотивната изложба во Кичево, портретите ќе бидат претставени и во трите училишта партнери, но не е исклучено изложбата да биде претставена и во други образовни и културни установи во земјава. Инаку, за изработка на по еден графички портрет на учениците им беа потребни по два дена – вели Лулзиме Мехмеди, наставничка во ОУ „Реџо Рушит-Зајази“ од селото Зајас.
Некои од учениците вклучени во овој проект беа присутни и на промотивната изложба во Кичево.
– Досега претежно сликавме, но благодарение на здружението „Сензус“ нашите наставнички ни ја всадија љубовта и кон овој вид уметност. Би сакале и во иднина да бидеме дел од вакви проекти и да ги потврдиме своите квалитети и во други уметнички правци – посочија присутните ученици, учесници на овој интересен и креативен проект.