Овој концерт на Македонската филхармонија беше одлично програмски дефиниран. Иако обично Моцартовиот „Реквием“ се изведува самостојно, ретко со други дела во иста вечер, овој пат присуството на „Масонската погребна музика“ и на „Моц-Арт а ла Хајдн“ не ја оптовари, туку напротив, ја згусна и збогати оваа концертна вечер. И беше совршена антиципација на грандиозното финале со безвремениот „Реквием“
Моцартовата музика е фантастичен пример што укажува дека преку елементарниот принцип на едноставноста дефинитивно може да се создадат моќни дела што инспирираат и денес, иако се создадени пред неколку века. Токму едноставноста е најкомплексниот принцип на создавање уметност, а Моцарт е најдобар пример за деликатно и инспиративно применување на оваа практика. Создавал навидум едноставни дела, а како што самиот велел неговата музика не ја прават нотите, туку паузата меѓу нив. Моцартовата музика денес е синоним за едноставност, убавина, таа е совршен антипод на денешното фуриозно темпо на живот. Кога ја пишувал, можеби звучи парадоксално, но таа од тогашните критичарите била дефинирана како високоинтелектуална музика, која не се обраќа на поширок аудиториум. Пишувана е за мал круг на публиката – „за пет-шест интелектуалци“, напишал еден од критичарите.
Македонската филхармонија често изведува музика од овој фантастичен композитор, а на оној во петокот чувме две генијални дела, „Масонска погребна музика“ (премиерна изведба во Македонија) и едно од неговите најпознати и најизведувани дела, „Реквием“. На овие две дела, кои имаат заедничка содржинска конотација и израз, се надоврза уште едно антологиско дело, „Моц-Арт а ла Хајдн“ на луцидниот руски полистилист Алфред Шнитке. И ова дело напишано во 1976-77 година ја доживеа првата изведба кај нас.
Прва прозвучи „Масонска погребна музика“, исклучително моќно дело што Моцарт го напишал за едно од братствата на „слободните ѕидари“. И ова дело како што сугерира насловот музички ја отсликува сакралната филозофија, музичките одговори на перцепцијата, доживувањата и прашањата врзани со смртта. Оркестарот на Македонската филхармонија беше воден од жилавиот бугарски диригент Емил Табаков, кој одлично ги познава музичарите од нашиот оркестар. Тој умее беспрекорно добро да ги измазни „нерамнините“ во оркестарот, да го разбуди симфонизмот кај музичарите и да ја извлече суштината на делата од нивните прсти. Така беше и во премиерната изведба на „Масонската погребна музика“. Деликатната динамика типична за Моцартовата динамика, изразот, специфичното фразирање беа составен дел од оваа автентична изведба.
Потоа го чувме неконвенционалното дело на ексцентричниот Шнитке, кое претставува парафраза на музиката на Моцарт и на Хајдн. Ова дело на Шнитке, како и многу други во неговиот опус, ги отвора вечните прашања за музичката автентичност, дали таа вистина постои или е комбинација на стилски конвенции и структурални формули зад кои се крие привидната авторска специфика на композиторите. Дали потрагата по единствениот глас на композиторот всушност е вечна и конфузна игра на сенки. Овие прашања ги загатнува и во „Моц-Арт а ла Хајдн“. Воден од автентичните сензибилитети на Моцарт и на Хајдн тој во ова дело си игра со нивната музика, адаптирајќи ја на новата, современа звучност. Делото е концептуално, во него Шнитке вметнува и „немузички“ елементи, драматичноста ја интензивира со светлата на сцена, со музичарите што излегуваат еден по еден, и диригентот што на крајот од делото останува сам во сценскиот мрак. Единаесетте гудачи од оркестарот што го изведоа ова дело заедно со солистите на виолина – Владимир Костов и Владимир Крстев успеаја да ја фатат луцидната специфика на ова дело, да ги парафразираат симболиките, контекстот и суштината.
На крајот од концертот го чувме маестралниот Моцартов „Реквием“, дело обвиено со мистерија. Податокот дека Моцарт не успеал да го заврши, фактот дека е негово последно дело, а згора на тоа и реквием е вечна тема за дискусија меѓу музиколозите, музичарите, но и драмските писатели и романописците. Денот кога починал, како што забележуваат историчарите, тој наводно изјавил: „Зарем не ви споменав дека ’Реквиемот’ го напишав за себе?“ отворајќи нови дилеми околу нарачката на ова дело. Моцарт не успеал да го доврши ова дело, го завршиле неговите ученици.
„Реквиемот“ прозвучи моќно во изведба на хорот „Драган Шуплевски“ од Факултетот за музичка уметност, солистите Ким Лилијан-Стребел (Швајцарија), Николина Јаневска, Мартин Ванберг (Шведска) и Владимир Саздовски и оркестарот на Македонската филхармонија. Хорот подготвен од диригентот Сашо Татарчев звучеше неверојатно сигурно, драматично, автентично и моќно. Изведбата на ова дело ја преслика суштината на Моцартовата музика – дека таа всушност е како холограм. Зад нејзината привидна едноставност всушност се крие маестрална комплексност. Тоа го знаат сите што посегнале да ги изведат неговите дела. Знаат дека оваа музика во себе има невидливи замки во кои лесно може да потоне и најдобриот познавач и изведувач на Моцартовиот опус.
Овој концерт на Македонската филхармонија беше одлично програмски дефиниран. Иако обично Моцартовиот „Реквием“ се изведува самостојно, ретко со други дела во иста вечер, овој пат присуството на „Масонската погребна музика“ и на „Моц-Арт а ла Хајдн“ не ја оптовари, туку напротив, ја згусна и збогати оваа концертна вечер. И беше совршена антиципација на грандиозното финале со безвремениот „Реквием“.