Општината Карпош од вчера почна со нови субвенции за велосипеди за жителите на Карпош. По покажаниот голем интерес во првиот круг субвенции, советот на локална самоуправа одобри дополнителни 360.000 денари финансиски средства од буџетот на општината за оваа намена. Правилото од првите субвенции „прв дојден, прв услужен“ продолжува сѐ додека не се исцрпат предвидените средства. Општината ќе субвенционира 20 проценти од вкупниот износ или максимум 3.000 денари од купениот велосипед. Сите заинтересирани што сакаат да се пријават, потребно е да поседуваат копија од лична карта, копија од трансакциска сметка и оригинална сметка за купениот велосипед. Важноста на сметките почнува со оние од вчерашниот датум од 28.5.2018 година и ќе се земат предвид сите наредни со крајниот датум на завршувањето на акцијата, за што ќе информираат од општината.
Градоначалникот на општината Карпош, Стефан Богоев вели дека со субвенционирањето за купување на новите велосипеди се стимулираат карпошани активно да користат велосипед со што ќе се придонесе за намалување на загадувањето на воздухот, а наедно ќе се унапреди заштитата на животната средина. Х.Ј.