И покрај мноштвото музеи и изложби, постојани и привремени, што во моментов може да се посетат во Париз, една привремена поставка во музејот „Орсе“ особено ѝ го привлекува вниманието на пошироката јавност. Изложбата „Црни модели: од Жерико до Матис“, во парискиот музеј „Орсе“, го покажува влијанието на црните модели врз уметниците и историјата на уметноста
Ирма Башеска Ристовска,
специјално за „Нова Македонија“ од Париз
Со векови, главниот град на Франција привлекува туристи од целиот свет. Познат како Градот на Светлината, но исто така тој е и град на уметноста, Париз е местото каде што историјата и класиката коегзистираат во хармонија со современото. Од музите како „Лувр“, „Роден“, „Пикасо“, „Орсе“, „Оранжери“, „Мармотен-Моне“, „Маилол“, Големата и Малата палата, па до Музејот на современата уметност, „Палас Токио“, фондацијата „Луј Витон“ и центарот „Помпиду“, Париз константно ги одржува во живот ренесансата, барокот, класицизмот, неокласицизмот, импресионизмот и експресионизмот, истовремено давајќи им еднаква можност за развивање и на современите правци и нивните креатори.
Па, дури и ако сте турист што едноставно го посетува Париз за да го почувствува неговиот дух и да ги посети неговите знаменитости, дури и ако не сте страстен љубител на уметноста, овој град има моќ да го сврти вашиот фокус токму кон неа. Срцето на Париз пулсира во ритамот на уметноста, затоа што неа ја има насекаде. И не само во музеите, туку и по улиците, мостовите, во архитектурата, низ парковите…
Така во „Лувр“ деновиве може да се погледнат неколку привремени изложби, едукативната и интерактивна „Археологијата станува графичка“, како и изложбата „Заборавени кралства – од Империјата Хитити до Арамејците“. Во Големата палата во тек се две изложби, „Месечина“, која ја слави 50-годишнината од човековото стапнување на Месечината, и изложбата „Црвено“ за уметноста и утопијата на Советскиот Сојуз. Музејот на модерната уметност во Париз, пак, ја нуди феноменалната „Речиси човек“ од Томас Хаусиго, додека, пак, во „Помпиду“, меѓу другите, во тек се и: „Праисторија“ – оригинална изложба што ја презентира поврзаноста помеѓу праисторијата и модерната уметност и „Дора Маар“ – изложба на модни фотографии од Дора Маар (1907-1997 г.). Фондацијата „Луј Витон“, пак, ја постави својата нова возбудлива колекција на дела од имиња како: Бас Жан Адер, Карл Андре, Јајои Кусама, Ник Маус, Вејд Гајтон, Марк Бредфорд, Џоан Мичел, Еторе Спалети и многу други.
Но една привремена поставка во музејот „Орсе“ особено ѝ го привлекува вниманието на пошироката јавност. Овој музеј минатата година беше прогласен за најдобар во светот. Тој и оваа година не отстапува од својот трон, понудувајќи им една одлична можност на публиката и на љубителите на уметноста да ѕирнат во нејзините затскриени ќошиња. Во март годинава беше отворена изложбата „Црни модели: од Жерико до Матис“, која го открива широкото присуство на црните модели во уметноста од 19 век во Франција, па до денес. Она што е неочекуван пресврт во оваа изложба е што некои дела со анонимни црни ликови се преименувани во чест на нивните модели.
Иако денот на отворањето на изложбата помина одамна, во „Орсе“ непрекинато циркулираат посетители од сите делови од земјата, а собата резервирана за „Црни модели: од Жерико до Матис“ е особено полна, но неверојатно тивка. Сликите, фотографиите и скулптурите, во комбинација со текстот до нив предизвикува воодушевување, јасно видливо на лицата на посетителите.
„Орсе“ ја „раскопа“ западната уметничка историја со намера да пронајде што е можно поголем број примери на црни модели што позираат за уметници, спроведувајќи темелни истражувања за да се дознае повеќе за нив, и секогаш кога е возможно, да се дознаат и нивните имиња.
Оваа изложба првпат е отворена во „Валак арт галери“ во Њујорк под наслов „Позирајќи модерност: црниот модел од Мане и Матис до денес“ – изложба базирана на дисертацијата на Дениз Мурел од 2013 година на отсекот Историја на уметноста и археологија на Колумбискиот универзитет. За разлика од њујоршката изложба, која потесно се фокусира на улогата на црната жена во еволуирачкото општество и нејзиното влијание врз модерноста во уметничкиот свет, париската верзија нуди малку поширока слика.
„Црни модели: од Жерико до Матис“ се фокусира на три значајни периоди: укинувањето на ропството (1794-1848), ерата на новото сликарство (Мане, Дега, Сезан) и ерата на авангардниот 20 век, нудејќи нови перспективи како тема што била долго време игнорирана. Музејот „Орсе“ преку оваа мултидисциплинарна изложба го прикажува влијанието на црните модели врз уметниците и историјата на уметноста, наедно прикажувајќи како сликите можат да се користат како пропаганда „за“ и „против“ ропство. Оваа изложба го прикажува подемот на црните уметници исто така.
Самиот наслов го истакнува различното значење на зборот „модел“, кој може да биде разбран како „модел на уметник“ или, пак, личност што служи како пример. Оваа изложба не прикажува само анонимни црни модели, туку и познати и значајни личности поради својот голем придонес кон црнечкото општество, како Жан-Батист Бели (ослободен роб) и Александар Дима (чија баба била ослободена робинка).
Од стереотипи до индивидуи, од непознати фигури до признаени личности, оваа изложба има една цел: да прикаже делови од уметничката историја што долго време останале незабележани. Со „Црни модели: од Жерико до Матис“, која ќе биде отворена до 21 јули, „Орсе“ нуди вистинско освежување славејќи ја различноста.