Ексклузивно: „Нова Македонија“ во Тел Авив
Марија Таушанска,
наша известувачка од Тел Авив, Израел
Уште кога ќе стапнете на израелска почва, поточно кога ќе слетате на аеродромот „Бен Гурион“ во белиот град, како што уште го нарекуваат Тел Авив, кој забрзано се гради, на патот до центарот на градот, од една страна ќе забележите огромни солитери, а од друга прекрасни палми и многу други разнобојни расцветани дрвја. Она што не може да се избегне е и големото присуство на полицијата и на војската и многуте контроли, најмногу околу „Експо-центарот“, каде што, како што се вели, ни пиле не може да прелета
Во Тел Авив на прв поглед воопшто не се чувствува дека во градот се одржува „Евровизија“. Билборди и реклами речиси нема, освен во близината на „Експо-центарот“, каде што е во тек 64-то издание на овој фестивал. Жителите, доколку ги прашате дали се заинтересирани за „Евровизија“, зачудено ќе ве погледнат, но, доколку прашате нешто друго сите до еден најљубезно ќе ви одговорат.
Уште кога ќе стапнете на израелска почва, поточно кога ќе слетате на аеродромот „Бен Гурион“ во белиот град, како што уште го нарекуваат Тел Авив, кој забрзано се гради, на патот до центарот на градот, од една страна ќе забележите огромни солитери, а од друга прекрасни палми и многу други разнобојни расцветани дрвја. Она што не може да се избегне е и големото присуство на полицијата и на војската и многуте контроли, најмногу околу „Експо-центарот“, каде што, како што се вели, ни пиле не може да прелета.
– Овие мерки на безбедност тука се секојдневие, бидејќи Израел е постојано во полувоена состојба – ни рече Александра Ролин, која заедно со сопругот Ги, во Тел Авив живее шест и пол години.
Од најавените напади на екстремистите на учесниците на „Евровизија“, кои дури се закануваа дека ќе им ги кинат пропусниците на учесниците каде и да ги забележат низ градот, за среќа, нема ништо. А градоначалникот на Тел Авив, Рон Хулдаи, со традиционалното шалом и топло добредојде ги пречека многубројните гости и им порача задолжително, освен во музиката, да уживаат и во убавините на градот, да го посетат стариот дел на градот, Јафа, или некоја од убавите плажи, Музејот на уметноста, да прошетаат по булеварот Ротшилд, како и меморијалниот музеј „Јицак Рабин“. На манифестацијата се обрати и Амир Халеви, израелскиот министер за туризам.
– Израел е дестинација што го одзема здивот. Ова не е голема држава, може со автомобил да се помине за осум часа и навистина има што да се види: Хаифа, Назарет, Ерусалим, Мртво Море – порача министерот Халеви.
Сепак, и покрај одличната туристичка понуда, фокусот деновиве е ставен на случувањата на „Евровизија“, а меѓу 41 учесник е и нашата Тамара Тодевска, која и самата вели дека уште од првата средба Тел Авив ја освоил со својата моќна енергија.
По првите две проби, Тамара се искачи повисоко во обложувачниците, каде што веќе се вбројува меѓу финалистите. А тоа го посакуваме сите по седумте сушни години, без финале на овој фестивал.
– Што и да се случи, јас веќе се чувствувам како победник – вели Тамара.
И нејзиниот тим сѐ уште го држи оваа позитивна енергија. Тројцата композитори: Дарко Димитров, Роберт Билбилов и Лазар Цветковски, сите како и Тамара со повеќегодишно евровизиско искуство, како и некои други членови на тимот, се сместени во хотел покрај морскиот брег.
Прес-центарот е малку поинаков од вообичаените на „Евровизија“, има помалку новинари, кафето се наплаќа, а и интернетот е слаб. Некои од колегите забележаа дека поради атрактивната локација и тие го користат времето за прошетки. Кога некои од колегите забележаа дека ја носам маицата со натписот „Proud“ веднаш реагираа: „Сигурни сме дека Тамара годинава ќе ја видиме во финалето“.
Во евровизиското село постојано има интересни случувања, а можат да се сретнат и гостите на фестивалот, поранешни учесници на „Евросонг“, а се најавува и доаѓањето на поп-кралицата Мадона, која со себе ќе го донесе и познатиот дизајнер Жан Пол Готје. Во „Експо-центарот“ вчера гостуваше Дана Интернешнал, вечерва свој настап имаат познати диџеи, а в четврток перформанс ќе има официјалниот трибјут-бенд на групата „АББА“.
Истовремено во градот од 12 до 18 мај се одржува кулинарски фестивал, „Бела ноќ“, а настани ќе има на три локации, во центарот на гардот, на плажите и во стариот дел Јафа. Во рамките на фестивалската програма има повеќе настани за геј-заедницата, која е многубројна во овој град, а и една од најголемите геј-паради во светот се одржува токму во Тел Авив, со што овој град уште еднаш го потврдува епитетот на отворен град.