Познати се деталите за Европското првенство (ЕП) во забрзан или т.н. рапид шах (двапати по 15 минути, плус 10 секунди за секој одигигран потег) и брзопотезен или т.н. блиц шах (двапати по три минути, плус две секунди за секој одигран потег), што ќе се одржи во Скопје (5-10 декември). Брзопотезното ЕП ќе се игра на 5 и 6 декември (11 кола, двојна варијанта), а забрзаното на 7 и 8 декември (13 кола).
Наградниот фонд за брзопотезниот турнир изнесува 12.050 евра (2.000 евра за победникот), а за забрзаниот е 21.950 евра (4.000 евра за шампионот) или вкупно 34.000 евра. Пријавувањето почна во вторникот, а ќе заврши на 26 ноември. Од соодветната котизација за пријавување, се ослободени шахистите со рејтинг над 2.600 и шахистките со рејтинг над 2.400 поени.
Титулите од претходното ЕП во Талин (Естонија) пред две години ќе ги бранат Русинот и член на ШК Алкалоид, Дмитри Андрејкин (брзопотезен шах), и неговиот сонародник Александар Рзјанцев (забрзан шах).
На Шаховската олимпијада (ШО), пак, во Батуми, Грузија, во 3-то коло македонската машка репрезентација ја победи Панама со максимални 4-0 и моментно е на 34-то место со четири поени (9,5 поени по табли). Женската репрезентација загуби со 1-3, од послаборангираната Боливија и е на 78-то место со два бода (6,5 поени по табли). Мажите (рангирани 45-ти пред ШО), вчера играа против Уругвај (78-ми) и имаа можност за нова победа, а жените (58-ми), против Бразил (45-ти).