Фото: Игор Бансколиев

Во македонскиот извоз на вино доминира наливното, а извозот на амбалажирано вино со додадена вредност е многу мал

Македонските винари се соочуваат со голема конкуренција на странските пазари. Бараат поддршка од државата за успешен пласман, кој, велат, ќе им овозможи навреме да ги исплатат лозарите. Тие на работниот состанок во Градско со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочија дека проблемот со откупот на грозје не е воопшто едноставен.

Македонските винари се соочуваат со голема конкуренција на странските пазари. Бараат поддршка од државата за успешен пласман, кој, велат, ќе им овозможи навреме да ги исплатат лозарите. Тие на работниот состанок во Градско со министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, посочија дека проблемот со откупот на грозје не е воопшто едноставен.

– За да го откупат грозјето, винарите мора да го извезат виното навреме по додадена вредност. Само така ќе бидат во можност да ги платат лозарите навреме и доволно за тие да останат во индустријата, да ги покријат своите трошоци и да заработат. Во моментов се соочуваме со страшна конкуренција зашто ова не е изолирана гранка, туку дел од глобалниот пазар, а сите држави што покажале успех во меѓународни рамки успеале да го постигнат тоа со помош од државата – изјави Никола Деребанов од винарницата „Стоби“ каде што се одржа средбата. Според Деребанов, во македонскиот извоз сѐ уште доминира наливното вино. Извозот на амбалажирано вино со додадена вредност е многу мал и тука Владата мора да интервенира за индустријата да оствари поголем раст.

– Има зголемување на амбалажираното вино, но тоа е далеку од нивото за да немаме проблеми со откупот, цените и плаќањето. Околу 20 милиони литри е учеството на амбалажирано вино во извозот, но во овие количества спаѓаат и амбалажираните производи пакувани во пластика од два литри со многу мала додадена вредност – истакна Деребанов. Министерот Николовски напомена дека средбата што се случува најмалку три месеци пред бербата на грозјето е токму во оваа насока – да се слушнат барањата, предлозите и сугестиите на винарите, но, ваков состанок, најави, ќе има и со лозарите. Целта е годинава да биде успешна, да има откуп и цени од интерес за двете страни.

Николовски ја нагласи и потребата од измени во регулативата и носење нов закон за вино за сигурен пласман, стабилни цени и квалитетно производство. – Лозарите и винарите мора да бидат партнери, а клучно е и да се почитуваат договорите ако сакаме оваа извозно ориентирана гранка да бележи раст и развој. Нашите политики се насочени кон градење цврсто договорено производство, а обврска ни е, како министерство, да создадеме услови за непречен откуп, стабилни цени и поволен амбиент и за винарниците и за лозарите – подвлече министерот.

Тој информира дека Владата обезбеди 20 отсто повисоки субвенции за одржување лозови насади, за производителите што имаат еден до 10 хектари и тие, наместо 40 илјади ќе добијат 48 илјади денари по единица површина, како и дополнителна субвенција од 12.000 денари за промена на сортиментот, во согласност со светските трендови и зголемување на конкурентноста. Министерот на состанокот соопшти дека пред почетокот на новата производна сезона се исплатени над 600 милиони денари за одржување на лозовите насади. 


Николовски: Се водат разговори за пласман на зелка на рускиот пазар

Се подготвува понуда на македонска зелка за рускиот пазар. Се собираат податоците за расположливите количества и за цените и интензивно се водат разговори за пласман, рече министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски. По средбата со винарите во Градско, Николовски нагласи дека претставници од Министерството имаат средба со производителите од Струмичко. Украина и Русија засега не увезуваат македонска зелка зашто имаат прилив од други земји по многу поконкурентни цени. – Се подготвуваат информации што ќе бидат испратени до Македонско-руската стопанска комора, која ги води разговорите. Верувам дека ќе имаме резултат – истакна министерот. Според него, се вложуваат максимални напори не само за олеснување на извозот, туку и за обезбедување нови пласмани. – Секој ден сме на терен во Струмичко. Вложуваме максимални напори да го олесниме извозот, но притисокот од други земји е многу голем и си го прави своето. Цената е многу поконкурентна од нашата – истакна Николовски, додавајќи дека со Москва се разговарало и за царинските давачки кон Македонија. Средби со производителите од Струмичко ќе има и денес зашто Министерството, како што рече Николовски, упорно се труди да најде решение.