Топлите априлски пролетни денови, дополнети со прекрасни цветни декорации ќе ви помогнат да направите совршена празнична магија во вашиот дом за пречек на најголемиот христијански празник Велигден.

Инспирирани од пролетта, шаренилото и празничното расположение, ќе ви предложиме неколку идеи за креативно декорирање на вашата велигденската трпеза и вашиот дом за време на празниците.

Украсните декорации можат да бидат разновидни, а во нивни прилог совршено одговара сезонското цвеќе, кое може на наједноставен начин да помогне во декорацијата.

Централното место на вашата маса може да го заземе цветен аранжман или, пак, декорација во вид на гнездо со украсени велигденски јајца.

Исто така можете да направите слатка икебана од чоколадни јајца и бонбони, кои ќе ги ставите во голем стаклен сад и дополнително ќе го украсите со разнобојни панделки.

Доколку, пак, не сте љубител на централни аранжмани, тогаш за декорација можете да користите ситни керамички украси со форми на зајачиња, пилиња или, пак, јајца, кои совршено ќе се вкомпонираат со неколку стаклени вазички во кои ќе ставите најмногу по три цвета и ќе ги групирате по сопствена желба.

За ефикасно аранжирана трпеза не мора да купувате специјални украси, можете да искористите сѐ што се наоѓа во вашата кујна. Од калапите за колачи можете да направите гнездо, а со малку креативност и фантазија обичните кутии за јајца можат да станат оригинален декор на вашата трпеза.

Искористете го шаренилото на пролетта, трева, ситни камчиња, кои ќе ги ставите во стаклени вази и садови. Декорациите дополнително ќе ги развеселите со панделки и бисери, така што ќе добиете мало совршенство од природата, кое ќе зрачи со радост, живот и надеж, сѐ во знакот на најголемиот христијански празник Велигден.

Една од наједноставните и најубавите велигденски декорации е штотуку расцветана гранка од овошната градина (слива или кајсија), која можете да ја збогатите со неколку мали пиленца или да закачите на гранчињата неколку вештачки украси во форма на јајца. Или едноставно оставете ја таква каква што е бидејќи и самите цветови се доволни да ви го разубават домот.

За љубителите на елегантен и романтичен стил задолжителен декор се аранжманите со свеќи во најразлични облици, форми и бои дополнети со зеленило, панделки и велигденски јајца.


Мини-саксии од јајца

Празните школки од јајца можете да ги искористите за создавање на уште една прекрасна велигденска декорација, која и по празниците ќе ги краси вашиот дом или балкон. Потребни ви се празни школки од јајца, малку хумусна земја, неколку мали цветни растенија и малку повеќе внимание и трпение, за да не ги скршите школките при полнењето и засадувањето.


Слатки декорации за најмалите

Најмладите членови на семејството најмногу ќе се израдуваат на слатките декорации. Заради нив испечете и со весели прехранбени бои декорирајте суви колачи во форма на јајце, цвет, пиле, зајаче, пеперутки и сл. Покрај тоа што ќе уживаат во изгледот на слаткиот аранжман, вашите дечиња ќе уживаат и во вкусот на веселите кекси.