Шефот на албанската дипломатија Дитмир Бушати, на средбата со претставниците на политичките партии на Албанците од Прешевска Долина, ставил до знаење дека Албанија не ја поддржува идејата за промена на границите или размена на територии меѓу Косово и Србија.
Во соопштението од средбата јасно се покажува дека официјална Тирана ја гледа Прешевска Долина и во иднина како дел од територијата на Србија, за разлика од она што беше кажувано во текот на овој период за нејзина размена со северот на Косово.
Исто така, се нагласува дека министерот Бушати ги уверил соговорниците дека албанската држава за нив ќе продолжи да бара од Србија да им го даде она што им следува.
– Директна обврска на српските власти е да обезбедат целосно уживање на правата на албанското население во Србија со почитување на ангажманите кои произлегуваат од преговарачкиот процес со ЕУ, како и согласно меѓународните норми. Она што бараме од Србија за вас е да обезбеди, ни повеќе ни помалку, туку онолку колку што права уживаат Србите во Косово, изјавил Бушати.