Велосипедистите често возат и во снежни услови

Трката, која в година целосно ќе се вози низ Италија и се смета за една од најтешките во последните десетина години, треба да почне на 11 мај во Болоња и ќе трае до 2 јуни, со цел во Верона

Само неколку дена откако организаторите на најгламурозната и најпозната светска велосипедска трка, Тур де Франс ја обелоденија маршрутата по која ќе се вози во 2019 година, истото тоа во Милано го сторија и организаторите на 102-то издание на Џиро д’Италија, втората од трите грантур-трки (во оваа категорија е и шпанската трка Вуелта).

На Џиро 2019 ќе има три индивидуални хронометри и седум финиши на високи врвови. Трката, која се смета за една од најтешките во последните десетина години, треба да почне на 11 мај во Болоња, со индивидуалниот хронометар на 8,2 км и ќе трае до 2 јуни, со цел во познатиот амфитеатар во Верона. Трката ќе има 21 етапа или велосипедистите ќе треба да извозат 3.518 км.

Годинашниот победник, Британецот Крис Фрум, кој беше еден од главните гости на телевизиската церемонија во Милано, трката ја окарактеризира како „брутална, посебно во втората половина“. Засега останува нејасно дали Фрум ќе се натпреварува на Џиро следната година, велејќи дека за тоа ќе одлучи тимот Скај до крајот на годинава.

– Морам да кажам дека би сакал повторно да возам, тоа е епска трка и како актуелен победник сигурно ќе ми биде тешко ако не бидам таму и трката ја гледам на телевизија. Би сакал да се вратам во Италија, но тоа не зависи од мене – изјави Фрум.

Фрум годинава се обиде да победи на Џиро и на Тур, но се чини дека настапот и триумфот во Италија скапо го чинеше, бидејќи во Франција беше трет, зад тимскиот колега Герент Томас и зад Том Думулен. Тој е првиот Британец победник на Џиро.

– Видов и сфатив дека е многу тешко, речиси невозможно, да се победи на двете трки во една година – рече Фрум,кој победи и на шпанската Вуелта лани.

Годинава Џиро почна во Израел, но во 2019-та ќе се вози целосно во Италија, освен „краткиот излет“ во Сан Марино во деветтата етапа. Пет од шесте полесни етапи ќе се возат во првата половина од трката, а три од нив се во првата недела.

– Во втората половина од трката следуваат бруталните, планински етапи, на многу големи надморски височини, со тоа што во тој период од годината таму може да биде и многу студено – вели Фрум.

Последната недела од трката почнува со 16-та етапа долга 226 километри со 5,7 км искачување во Алпите. Но најтешката етапа може да биде онаа на крајот од втората недела, 14-та, која е релативно кратка, 131 км, но и многу интензивна со четири километри искачување од Сент Винсент до Курмаер. 


Етапи за сеќавање на земјотресот, во чест на Да Винчи, Росини…

За време на велосипедската трка Џиро д’Италија в година ќе се одржат повеќе социјални и културни манифестации. На седмата етапа, која завршува во Аквила, ќе се одбележат 10 години од земјотресот што ги уништи градот и неговата околина. Џиро, исто така, ќе потсети и на некои луѓе што имаат големо значење и влијание врз историјата на Италија. Третата етапа ќе почне од Анкиано, родното место на Леонардо да Винчи, 500 години по неговата смрт. Осмата етапа ќе заврши во Пезаро, родното место на композиторот Џоакино Росини. Л.Д.