„(Не) мрaзиме баш сѐ“ е насловот на перформансот на Мартина Хрлиќ Рогиќ, кој вечерва ќе биде изведен во галеријата „Кортил“ во рамките на манифестацијата „Ноќ на музеите“ во Риека, сѐ уште актуелниот Европски град на културата. Таа е уметничка раководителка на танцовата група „Флејм“ од истиот град, а двете изведби на перформансот ќе можат да се проследат онлајн, со почеток во 19 и во 20 часот на Јутјуб.
– Перформансот се занимава со темата на говор на омраза, со трајното фиксирано испишување на графити по риечките фасади, кој така стана дел од животниот простор на градот, дел од секојдневниот говор и од системот (без) вредности. Реакции нема ниту од една институција, ниту од еден човек, граѓанин, сосед. Значи ли тоа дека на таков дискурс свесно се согласивме или само потклекнавме, а можно е и дека паднавме како луѓе? Многубројните квартовски графити јасно и гласно повикуваат на омраза, убиство, газење, прогон и исчезнување на оние другите, различните, на припадниците на малцинските етнички групи, на различно полово ориентираните, од различни места на раѓање, градови, фудбалски клубови, јазици, дијалекти, всушност, сѐ она што не сме ние. Суштината на овој перформанс, со зборовите на политичкиот естаблишмент, е да се лоцираат, идентификуваат, фиксираат и да се избришат таквите пораки, физички од ѕидовите и метафизички од колективната свест и искуство – велат авторите на овој несекојдневен настан.
Перформансот се состои од проекции на видеоснимки на разговори со пет припадници на различни малцински групи на локации испишани со говор на омраза и од обиди на општествена корекција на девијациите со омраза со физичко отстранување на испишаните пораки (со фарбање, употреба на абразивни средства и сл.).
Автори на музиката и аранжманот се Марко Рогиќ и Дарко Терлевиќ, вокалот е на Антонија Браут, а автор на видеото е Доминик Валиќ. Во реализацијата на перформансот учествуваат: Антонија Браут, Јелена Браут, Леа Чавал, Мартина Хрлиќ Рогиќ, Матеа Линиќ, Ива Шупек Ивана Тус и Доминик Валиќ. Перформансот е создаден во соработка на Заедницата на Србите и на Советот на ромското национално малцинство за градот Риека.