Со два спектакуларни гола од слободен удар за две минути македонскиот фудбалски репрезентативец Енис Барди речиси го спаси шпанскиот прволигаш Леванте од испаѓање од лигата и влезе во фокусот на вниманието во таа земја поради тоа што и во светот е реткост на ваков начин во толку краток период некој да постигне два гола. Леванте го победи Атлетик со 3-1.
Барди головите ги постигна речиси на идентичен начин. Прво од речиси левата крилна позиција го погоди голот, а голманот ја фати топката зад гол-линијата. Во вториот случај шутот беше од аголот на шеснаесетникот од левата страна, топката влезе во десниот горен агол, а голманот не трепна.
Ова е четврти гол од слободен удар за Барди сезонава за Леванте (вкупно постигна шест гола и има една асистенција), а според некои статистички податоци повеќе голови од слободен удар од Барди сезонава постигна само Аргентинецот Лионел Меси од Барселона, шест. Трет на таа листа е Арбилја од Еибар со два гола од прекин на игра.
Барди е втор стрелец на Леванте сезонава (Моралес има седум гола) и е меѓу десетте најефикасни плејмејкери во Шпанија.