Иван Русјаков
Денот на најголемите недомаќини завршува тогаш кога започнува следниот ден на најголемите домаќини!
За разлика од семафорот, превртливиот политичар потешко може да се поправи кога неконтролирано ги менува боите!
Излезе дека пеењето на нотар е поисплатливо од пеењето на ноти!
Најдоходна работа за безделничарите е копањето во носот!
Тој имаше светол лик и дело, но само додека не му ја исклучија струјата поради неплаќање!
Се радуваше на малите работи, сѐ додека не му понудија големо мито!
Единствено од кралот на просјаците не се бара да биде од богата кралска лоза!
Некои од оние што се долго на чело си вообразија дека тоа отсекогаш им го пишувало на чело!
Во сегашниот глобален свет, поважно е да си ја платиш глобата, отколку да те прогласат за свет!
Едните кукаат од вистинска мака, а другите од навика!
Тежината на работата е повеќе во оној што ја извршува, отколку во неа самата!
Единствениот пакет што го добиваме без нарачка е пакетот со мерки за штедење!
И петиците што не се негувани кај жените се сметаат за Ахилови!
Не му побегнаа сите возови, бидејќи повеќето од нив традиционално доцнеа!
Најмногу извонредно пресувани има на вонредните прес-конференции!
Најмногу пресечени има од страна на просекот по жител!
Тој во животот ниту мравка нема згазено, бидејќи целото време го помина во кревет!
Оние што пијат козјо млеко тоа повеќе го прават заради убавата линија, отколку за да се окозат од работа на монтажната линија!
За да го видиш светлото на крајот на тунелот, треба тој да биде неосветлен!
Кога криминалците слободно шетаат надвор, тогаш сите треба од нив да се бранат ставајќи се себеси зад сигурносни решетки!
Доколку живеете кучешки живот, тогаш е најдобро да се обратите до одговорните за да ви помогнат истиот тој веднаш да го закачите на мачката на опашката!
Најдобри за статистичко возење се податоците за извозот и увозот!
Тоа што не го можеш никогаш, остави го засекогаш!
Честит први април, ден на предизборните ветувања!