Американскиот министер за одбрана Марк Еспер порача дека се очекува сите американски војници што се повлекуваат од северна Сирија да се преместат во западен Ирак, за да ја продолжат борбата против милитантите на Исламската држава и да помогнат во одбраната на Ирак.
– Повлекувањето на САД од североисточна Сирија продолжува. Се работи за недели, а не за денови. Сегашниот план е овие сили да се репозиционираат во западен Ирак – истакна Еспер, додавајќи дека се работи за околу илјада војници.
Тој додаде дека нивна задача ќе биде да помогнат во одбраната на Ирак и да ја продолжат мисијата против Исламската држава. Еспер појасни дека ситуацијата е сè уште флуидна и плановите може да се променат.
– Тоа е сегашен план. Работите може да се променат отсега до времето кога ќе го завршиме повлекувањето, но сега тоа е планот – додаде американскиот министер.
Не е јасно дали американските сили ќе го користат Ирак како база за да извршуваат копнени напади во Сирија и да извршуваат воздушни напади врз милитантите на Исламската држава.